Нови здравствени последици излегуваат на површина по пожарот во „Пулс“: Преживеани развиле симптоми месеци по трагедијата

Неколку месеци по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, сè поголем број преживеани пријавуваат доцни здравствени компликации, иако веднаш по несреќата немале видливи симптоми.

На денешното рочиште за трагедијата, во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, кочанскиот јавен обвинител Борче Јанев истакна дека дел од присутните на концертот на групата ДНК развиле сериозни потешкотии со дишењето и други тегоби дури месеци подоцна.

„Имаме случаи кога лица кои по пожарот се чувствувале здраво, по подолг период почнале да развиваат проблеми со респираторниот систем и други здравствени последици“, изјави Јанев, нагласувајќи дека тоа дополнително ја открива вистинската тежина на трагедијата и опасноста од чадот и токсичните материјали кои биле присутни во клубот кобната вечер.

Во обвинителниот акт се наведуваат детални описи на тешките повреди кај преживеаните, како и причините што довеле до смртта на 63-те млади луѓе. Меѓу повредените има и деца кои во моментот на избувнување на пожарот се наоѓале во објектот.

За трагедијата обвинети се 35 лица, кои се товарат за тешки дела против општата безбедност. Тие повторно не се изјаснија за вината, додека судијата информираше дека следното рочиште, на кое обвинетите ќе треба да кажат дали се чувствуваат виновни, ќе се одржи на 2 декември.

Извор: Скопје1.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни