Нови свлечишта ja загрозуваат Шипковица: евакуација на жители и опасност од проширување на теренот

Обилните дождови што деновиве го зафатија западниот дел од земјата предизвикаа опасно свлечиште во селото Шипковица, при што директно се загрозени четири семејни куќи, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пријавата била добиена преку единствениот број за итни повици 112, по што веднаш бил активиран Кризен штаб на Општина Тетово. На терен се присутни екипи на ЦУК, СВР Тетово и градежни инспектори од општината, кои ја проценуваат состојбата и дават инструкции до локалното население.

Жителите повикани да ги напуштат своите домови

Од ЦУК информираат дека во моментов се преземаат мерки за заштита и стабилизација, а на мештаните им било наложено итно да ги напуштат домовите поради висок ризик од појава на нови свлечишта.
Теренот и понатаму е нестабилен, а прогнозите најавуваат дополнителни врнежи кои може да ја влошат состојбата.

Одрони и во источниот регион

Проблеми предизвикани од обилните врнежи има и во источниот дел на земјата. ЦУК соопшти дека:

  • На патниот правец Делчево – Истибања се појавиле одрони, но екипите на ЈП „Македонија пат“ редовно интервенираат и сообраќајот се одвива без подолги застои.
  • На патот кон селото Моштица во Општина Македонска Каменица, одроните се расчистени од екипите на ЈП „Камена Река“, а сообраќајот е нормализиран.

Надлежните служби остануваат на терен и апелираат на внимателност, особено на жителите во ризичните планински региони каде земјиштето е заситено со вода и подложно на нови активирања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни