Во Нови Сад пристигнуваат 5.000 студенти за годишнината од трагедијата на железничката станица

Една година по падот на надстрешницата што однесе 16 животи, Нови Сад се подготвува за голем комеморативен собир кој прерасна во симбол на граѓански отпор и студентска солидарност.

Околу 5.000 студенти денеска пристигнуваат во Нови Сад, каде утре ќе се одржи голем комеморативен собир по повод годишнината од падот на надстрешницата на железничката станица, трагедија во која загинаа 16 лица. Настанот предизвика бран на студентско и граѓанско незадоволство кон власта, која ниту по една година не ги казни одговорните.

Студенти од цела Војводина и Србија пристигнуваат пеш или со велосипеди, а најдолгиот пат го минуваат младите од Нови Пазар, кои тргнаа кон Нови Сад на 16 октомври и ќе поминат речиси 400 километри.

„Студентите што пешачат со денови, граѓаните што ги пречекуваат со солзи радосници – тоа е вистинското лице на Србија. Градот е преполн со емпатија. Луѓето ги чекаат на секој мост, на секое крстосување. Главниот пречек ќе биде на централниот булевар, така што целиот Нови Сад ќе застане,“ изјави за Nova.rs студентот Алекса, еден од организаторите. Тој објасни дека студентите ќе влегуваат во градот од сите страни: преку Мостот на слободата, мостот „Дуга“ и од Петроварадинската страна, каде ќе им се приклучат граѓани и ученици.

Алекса додаде дека властите се обиделе да го спречат доаѓањето на студентите, одземајќи им полициска придружба и јавни простори за ноќевање. Педесетина учесници биле принудени да спијат на отворено во Инџија, на импровизирани лежалки во центарот на градот.

И покрај тоа, на собирот се очекува да пристигнат десетици илјади граѓани од цела Србија, поединечно или во организација на опозициски партии, граѓански движења и невладини организации. Организаторите ги повикаа граѓаните да се соберат во 10 часот на една од 16 означени локации, од каде ќе тргнат кон железничката станица.

Комеморацијата ќе започне во 11:52 часот, токму во моментот кога пред една година падна надстрешницата, со 16 минути молк во чест на 16 загинати. Главната сцена ќе биде поставена кај станицата, а програмата ќе се емитува долж Булеварот на ослободувањето, долг пет километри.

„Ова нема да биде протест, туку ден на тишина и почит. Забранети се свирежи и вувузели,“ велат студентите. Програмата ќе заврши во 20 часот, повторно со 16 минути молк.

Утре се навршува една година од падот на надстрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога на лице место загинаа 14 лица, меѓу кои и деца, а уште двајца починаа подоцна во болница. По трагедијата следеа секојдневни антивладини протести, на кои се приклучија и студенти преку блокади на факултетите. Незадоволните граѓани, студенти и средношколци бараат казнување на одговорните функционери и распишување нови избори во Србија.

Локалните медиуми потсетуваат дека, и по 12 месеци, државното обвинителство сè уште ја истражува несреќата и реконструкцијата на пругата, а обвиненија сè уште не се потврдени.

Во септември, Високото јавно обвинителство во Нови Сад повторно подигна обвинение против поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ и уште 12 лица, а судот моментално ја проверува законитоста на обвинителниот акт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни