Волстрит бележи нови рекордни нивоа на индексите S&P 500 и Nasdaq, главно поради силниот раст на акциите на компаниите Alphabet и Tesla. Dow Jones порасна за 0,11 отсто, достигнувајќи 45.883 поени, S&P 500 се зголеми за 0,47 отсто на 6.615 поени, додека Nasdaq скокна за 0,94 отсто на 22.348 поени.
Alphabet над 3.000 милијарди долари пазарна вредност
Новите рекорди на индексите главно се должат на силниот раст на акциите на Alphabet (матичната компанија на Google), чиишто акции се зголемија за повеќе од 4 проценти. Со тоа, пазарната вредност на компанијата ја надмина границата од 3.000 милијарди долари.
Акциите на Tesla, пак, пораснаа за повеќе од 3,5 отсто, откако беше објавено дека извршниот директор Илон Маск во петокот купил акции на компанијата во вредност поголема од една милијарда долари.
Очекувања за намалување на каматите од страна на ФЕД
На пазарот владее оптимизам, бидејќи се очекува американската централна банка (ФЕД) оваа недела да ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени.
Постои и шпекулација дека до крајот на годината ФЕД би можел да ја намали цената на парите уште еднаш, имајќи предвид дека пазарот на трудот слабее.
Сепак, просторот за намалување на каматите е ограничен, бидејќи инфлацијата расте во последните месеци – делумно поради новите царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп. Во моментов, инфлацијата е значително над целта на ФЕД од околу 2 отсто.
„Пазарот се движи во позитивна насока поради сценариото во кое пазарот на трудот е доволно слаб за ФЕД да ги намали каматите, но не толку слаб за да го загрози економскиот раст. Мислам дека пазарот ќе биде разочаран ако ФЕД не сигнализира дополнително намалување на каматите по следната седница“, изјави Керол Шлајф, директорка во компанијата BMO Family Office.
Раст и на европските берзи
И на повеќето европски берзи вчера беше забележан раст на вредноста на акциите. Лондонскиот FTSE индекс забележа мал пад од 0,07 отсто и изнесуваше 9.277 поени, но франкфуртскиот DAX порасна за 0,21 отсто на 23.748 поени, а парискиот CAC за 0,92 отсто на 7.896 поени.