Нови рекорди на берзите: Овој сектор предничи по растот на профитот

Цената на акцијата на Walmart скокна за 3 отсто, бидејќи акциите на овој трговски ланец се повлекуваат од берзата во Њујорк, а во иднина ќе се тргува со нив на Nasdaq, што, според компанијата, би можело да привлече нови инвеститори

На Волстрит, во понеделникот берзанските индекси благо пораснаа и достигнаа нови рекордни нивоа, и покрај заострувањето на конфликтот меѓу Белата куќа и претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел.

Индексот Dow Jones зајакна за 0,17 отсто, на 49.590 поени, додека S&P 500 порасна за 0,16 отсто, на 6.977 поени, а индексот Nasdaq за 0,26 отсто, на 23.733 поени. Новите рекорди на Dow Jones и S&P 500 главно се должат на растот на цените на акциите на технолошките компании и на Walmart.

Цената на акцијата на Walmart скокна за 3 отсто, бидејќи акциите на овој трговски ланец се повлекуваат од берзата во Њујорк, а во иднина ќе се тргува со нив на Nasdaq, што, според компанијата, би можело да привлече нови инвеститори. Покрај тоа, инвеститорите се подготвуваат за сезоната на објавување деловни резултати на компаниите, која неофицијално започнува во вторник.

Аналитичарите проценуваат дека добивките на компаниите што се дел од индексот S&P 500 во последниот квартал од минатата година пораснале за 8,8 отсто на годишно ниво. Се очекува технолошкиот сектор да предничи, со раст на профитот од 26,5 отсто на годишно ниво.

Судир меѓу Белата куќа и Фед

Покрај претстојната сезона на деловни резултати, инвеститорите се внимателни и поради заострувањето на конфликтот меѓу Белата куќа и Федералните резерви, откако Министерството за правда покрена кривична истрага против претседателот на централната банка, Џером Пауел, во врска со обновата на седиштето на Фед во Вашингтон, вредна 2,5 милијарди долари.

Пауел во невообичаена видео-изјава во неделата навечер потврди дека федералните обвинители отвориле истрага за неговиот извештај пред Конгресот за обновата на зградата на Фед. Тој порача дека оваа истрага е уште еден обид на американскиот претседател Доналд Трамп да влијае врз монетарната политика на централната банка. Исто така изјави дека нема да подлегне на притисоци и дека неговиот мандат на чело на Фед истекува во мај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни