Во текот на 2025 година, научниците официјално именуваа речиси 200 нови видови растенија и габи, но истовремено предупредија дека значителен дел од нив веќе се соочуваат со ризик од исчезнување. Листата ја објави Royal Botanic Gardens, Kew во соработка со меѓународни партнери, со цел да укаже колку од природниот свет сè уште е непознат за науката.
Според истражувачите, човечките активности ја „еродираат природата до точка на исчезнување“. Д-р Мартин Чик од Кју истакна дека именувањето и научното опишување на видовите е клучно во време кога загубата на биодиверзитет и климатските промени се забрзуваат. „Тешко е да се заштити она што не го познаваме и за што немаме научно име“, предупреди тој.
Меѓу највпечатливите откритија е орхидејата Telipogon cruentilabrum, пронајдена во високите андски шуми во Еквадор. Таа го добила името по „крваво обоената“ усна на цветот, а нејзините жолто-црвени ливчиња имитираат женки на муви за да привлечат машки примероци за опрашување. И покрај уникатноста, повеќе од половина од нејзиното живеалиште веќе е уништено поради сеча, рударство и земјоделство.

Посебно внимание привлече и габата Purpureocillium atlanticum, пронајдена во атлантските шуми на Бразил. Таа припаѓа на групата т.н. „зомби-габи“ кои паразитираат други организми. Овој вид ги инфицира пајаците што живеат во подземни дупки, целосно ги обвиткува, а потоа од телото израснува плодник кој ги ослободува спорите.
Меѓу новоименуваните растенија е и Aphelandra calciferi, шумска грмушка од Перу со огнено портокалово-црвени и жолти цветови, наречена по ликот Калцифер од анимираниот филм „Howl’s Moving Castle“. Научниците сметаат дека има голем потенцијал како украсно растение.
Особено значајно за регионот е откритието на нов вид кокичар – Galanthus subalpinus, пронајден на субалпските пасишта на планината Кораб, на границата меѓу Северна Македонија и Косово. Видот веќе е класифициран како критично загрозен, главно поради собирање за хортикултурна трговија, но и поради прекумерна испаша и пожари.

Листата вклучува и „жив камен“ – Lithops gracilidelineata, сукулент кој изгледа како обичен камен и расте во сушните области на јужна Африка, како и нови орхидеи од Индонезија, дрвја со плод со вкус на банана и гуава од Папуа Нова Гвинеја и ретки шумски дрвја од Камерун.

Од Кју предупредуваат дека без сериозни инвестиции во таксономијата и заштитата на природата, човештвото ризикува да ги разгради системите што го одржуваат животот на Земјата. Новоименуваните видови, наместо симбол на научен напредок, сè почесто стануваат потсетник колку е кревок светот што го губиме.
