Европската унија воведува значајна промена во начинот на гранична контрола со целосното активирање на системот за влез и излез (EES – Entry/Exit System), кој ќе почне да функционира од 10 април 2026 година во 29 европски земји.
Новиот дигитален систем постепено ја заменува традиционалната практика на печати во пасошите, воведувајќи електронска евиденција на влез и излез на патниците, како и регистрирање на одбивања за влез. Покрај тоа, ќе се собираат биометриски податоци, вклучувајќи фотографија од лицето и отпечатоци од прсти, заедно со основни податоци од патните документи.
Според Европската комисија, оваа реформа има за цел модернизација на граничниот систем, подобрување на безбедноста, намалување на криминалот и откривање на потенцијални ризици. Системот веќе беше делумно воведен од октомври 2025 година, а до сега илјадници случаи на неправилни документи или сомнителни обиди за влез биле откриени преку новата дигитална проверка.
КОГО СЕ ОПФАЌА EES СИСТЕМОТ?
Новите правила се однесуваат на државјани надвор од ЕУ и Шенген-зоната, кои патуваат за краток престој до 90 дена во период од 180 дена. Ова ги опфаќа и британските државјани, како и сите патници кои немаат потреба од виза.
Сепак, од системот се изземени граѓаните на ЕУ и Шенген земјите, како и лица со долгорочни дозволи за престој. Исклучоци има и за членови на семејства на ЕУ граѓани, одредени погранични работници, воен персонал и дипломатски категории.
Ирска и Кипар остануваат надвор од системот и ќе продолжат со класични проверки на пасоши.
МОЖНИ ЗАДРЖУВАЊА НА АЕРОДРОМИТЕ
Иако ЕУ тврди дека системот ќе го подобри и забрза преминот на границите на долг рок, првите месеци по имплементацијата се очекува да донесат значајни гужви и доцнења. Аеродромските асоцијации предупредуваат дека чекањето во шпиц периоди може да достигне и до два часа, особено бидејќи секој патник ќе мора да помине биометриска регистрација при прв влез.
Дополнително, од 10 април граничните служби повеќе нема да имаат можност да ја суспендираат примената на системот во периоди на голем метеж, што може да ги засили почетните проблеми. Патниците се советуваат да пристигнуваат порано на аеродромите, најмалку 1,5 до 2 часа пред летот.
БИОМЕТРИЈА И РЕГИСТРАЦИЈА
Иако биометриски пасош не е задолжителен, тој овозможува побрзо поминување преку самостојни терминали. Сите останати патници ќе мора да поминат класична процедура на шалтер со фотографирање и скенирање на отпечатоци.
Податоците ќе се чуваат три години и ќе се користат за идни побрзи проверки. Деца под 12 години се ослободени од давање отпечатоци, но мора да имаат фотографија.
ДАЛИ ТРЕБА ПРЕТХОДНА РЕГИСТРАЦИЈА?
Патниците не мора да се регистрираат однапред, бидејќи процесот се одвива на самата граница. Сепак, Европската унија воведува и мобилна апликација „Travel to Europe“, која овозможува делумна предрегистрација до 72 часа пред патување. Оваа опција може да го забрза процесот, но не ја заменува граничната проверка.