Нови правила за туристите во Италија: Капри забранува разглас и воведува помали групи

Островот Капри воведува нови туристички правила од летово – ограничување на групите до 40 лица, забрана за разглас и чадори, со цел да се намалат гужвите и да се заштити квалитетот на животот.

Италијанскиот остров Капри најави нови правила во областа на туризмот кои ќе стапат на сила ова лето. Оваа луксузна медитеранска дестинација ги заострува мерките за туристичките групи, за кои локалните власти тврдат дека ги затрупуваат тесните улички и го нарушуваат секојдневниот живот на жителите и другите посетители.

Во екот на сезоната, Капри прима и до 50.000 туристи дневно, бројка што значително го надминува бројот на постојани жители, кои се меѓу 13.000 и 15.000.

Ограничен број лица и забрана за разглас

Со новите прописи ќе се ограничи бројот на членови во туристичките групи, а на туристичките водичи ќе им биде забранета употребата на разглас и чадори или други впечатливи ознаки.

Според правилата:

  • Туристичките групи ќе можат да бројат најмногу 40 лица.
  • За групи поголеми од 20 лица, употребата на разглас е забранета.
  • Наместо тоа, учесниците ќе мора да користат слушалки за да го следат водичот.
  • Водичите смеат да носат само дискретна службена палка или мал знак за идентификација. Забранети се чадори, знамиња и други упадливи предмети.

Групите ќе мора да се движат компактно, без да ја загрозуваат безбедноста или комфорот на другите посетители. Водичите се должни да обезбедат доволно простор за останатите туристи и да спречат блокирање на уличките и видиковците.

Заштита на „елегантниот имиџ“ на островот

Иако Капри со децении се промовира како мирна и елегантна дестинација, властите сметаат дека неконтролираните дневни посети и масовните групи не се вклопуваат во таа визија.

Ова не е првпат островот да воведува рестрикции. Уште во 1950-тите години биле донесени правила за однесување, меѓу кои забрана за носење дрвени кломпи и гласно пуштање музика.

Локалните власти наведуваат дека најновата закана за ексклузивната атмосфера на Капри се токму бучните и слабо организирани туристички групи, кои го преоптоваруваат просторот и создаваат метеж во историското јадро.

Со овие мерки, Капри се приклучува на трендот на европски дестинации кои се обидуваат да воведат поодржлив туризам и да најдат рамнотежа меѓу економските придобивки и квалитетот на живот на локалното население.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни