Организаторите на масовните протести против Доналд Трамп под слоганот „Без кралеви“ најавија нов протест наречен „Good Trouble Lives On“, што ќе се одржи на 17 јули – петтата годишнина од смртта на американскиот конгресмен и активист за човекови права Џон Луис.
Последниот бран протести се одржа на 14 јуни, симболично на 79-от роденден на Трамп и 250-годишнината од американската војска, а според Американската унија за граѓански слободи (ACLU), учествувале повеќе од пет милиони луѓе во над 2.100 градови низ САД.
Организаторите тврдат дека ова е еден од најголемите протести во американската историја.
И покрај масовната излезност, Белата куќа ги опиша протестите како „целосен неуспех“.
„Good Trouble Lives On“, именувано по познатата изрека на покојниот конгресмен Луис, повторно ќе се собере на 17 јули, а досега се најавени повеќе од 60 протести низ целата земја, велат организаторите.
Пораката на новиот протест е јасна: одговор на она што тие го нарекуваат напади врз граѓанските и човековите права и пораката дека „во Америка, моќта му припаѓа на народот“.
Организаторите, вклучувајќи ги ACLU, Коалицијата за трансформативна правда и Indivisible, ги повикуваат граѓаните да се приклучат и „да продолжат да создаваат добра врева“ во одбрана на демократијата.
Во меѓувреме, американскиот сенатор Берни Сандерс го најави продолжувањето на неговата „Турнеја против олигархијата“ (The Fighting Oligarchy Tour).