На самиот старт на сезоната се појави редок керамички предмет со веројатна култна намена: зоо-антропоморфен жртвеник — тело на животно споено со женско тело, со конусен реципиент на грбот. Веднаш потоа следеше керамички сад кој на прв поглед наликува на птица, но со човечко (веројатно женско) лице, што асоцира на иконографијата на т.н. „Голема Мајка“. Садот е богато украсен со сликани орнаменти, а на предниот дел на „вратот“ се наѕираат контури слични на човечка фигура.
Меѓу придружните наоди се и елегантен пехар со темни сликани орнаменти, амфора, минијатурни женски фигурини, фрагменти од жртвеници од тип „масичка“, повеќе садови за секојдневна употреба, камени и коскени орудија, накит, како и нови фрагменти од познатите керамички скулптури на „Големата Мајка“ (во литературата: антропоморфни модели на куќи).
Комбинацијата „животно–човек“ и силниот женски симболизам упатуваат на развиени ритуали поврзани со плодност и домашен култ. Богатата орнаментика и разновидноста на формите сведочат за висок степен на уметничка изведба и за канон што го препознаваме низ неолитот на Балканот, а Тумба Маџари повторно се покажува како едно од клучните места за тоа наследство.
Истражувањата се дел од Годишната програма на Археолошкиот музеј за 2025, поддржана од Министерството за култура и туризам. Проектот го раководеше кустос-советник м-р Елена Стојанова Канзурова, со тим од музејски археолози (д-р Перо Синадиновски, м-р Буњамин Џемаиљи, Благоја Китановски, Јовица Ристов, Марија Видеска), архитект, конзерватор Перо Кованцалиев и техничка поддршка, а како надворешни членови се приклучија м-р Сашко
По лабораториска обработка и конзервација, најрепрезентативните предмети ќе бидат подготвени за изложбена презентација и научна публикација, со цел новите податоци да се вклопат во пошироката реконструкција на неолитската култура во Скопскиот регион.