Според достапните информации, во моментот на експлозијата и пожарот во барот и лаунџот Le Constellation, сместен во алпското скијалиште Crans-Montana во Швајцарија, во објектот се наоѓале повеќе од 100 лица. Иако капацитетот на барот е над 300 луѓе, точниот број присутни во тој момент сè уште не е официјално потврден.
Полицијата во утринското соопштение наведе дека итните служби се сè уште на терен и дека се спроведува обемна акција за спасување. На местото на несреќата се упатени голем број полициски, пожарникарски и спасувачки екипи кои им пружаат помош на повредените. Подрачјето околу објектот останува целосно обезбедено и затворено за јавноста, а над скијалиштето Crans-Montana воведена е и привремена забрана за летање.
Швајцарската полиција потврди за Sky News дека во експлозијата загинале најмалку 10 лица. Истакнато е дека овој настан не се третира како терористички напад. Портпаролот на полицијата претходно изјави дека има „многу повредени и многу мртви“.
Експлозијата и пожарот се случиле за време на новогодишната прослава во барот Le Constellation, а последиците се тешки. Лекар од швајцарската воздушна итна помош и служба за спасување изјави за националната телевизија RTS дека болниците се преполни со пациенти со тешки изгореници.
