Откриени 20 нови дела на Микеланџело? Истражување отвора историска мистерија

Независна истражувачка тврди дека пронашла и потврдила дела што со векови биле сметани за изгубени или сомнителни.

Независната истражувачка Валентина Салерно идентификувала 20 дела кои претходно биле малку познати или чија автентичност била доведувана во прашање, тврдејќи дека тие му припаѓаат на ренесансниот мајстор Микеланџело Буонароти.

Во студијата „Michelangelo gli ultimi giorni“ („Последните денови на Микеланџело“), Салерно го реконструира последниот период од животот на уметникот преку анализа на документи од италијански и странски архиви, пренесува агенцијата Анса.

Според нејзините наоди, Микеланџело не ги уништил своите скици и скулптури во римскиот дом, како што долго време се верувало. Наместо тоа, наводно им ги доверил на ученици и пријатели, кои ги чувале на тајна локација.

Еден од документите што ги анализирала Салерно опишува просторија во која била складирана „исклучително вредна“ уметничка збирка, за која бил потребен систем од повеќе клучеви за пристап. Според експертите, таа просторија е празна веќе повеќе од 400 години.

Резултатите од истражувањето добиле поддршка од стручњаци од Латеранската црква и Базиликата Свети Петар. Дополнителни траги биле потврдени и на аукција на „Кристи“ во Лондон, каде што била продадена скица за подножјето на Либиската Сибила.

Откритието отвора нови прашања за последните години од животот на Микеланџело и можната судбина на дел од неговото уметничко наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни