Новата варијанта на коронавирусот BA.3.2, позната и под прекарот „Cicada“ (Цикада), би можела полесно да ги инфицира децата отколку возрасните, предупредуваат научниците. Иако засега нема докази дека предизвикува потешка клиничка слика, експертите истакнуваат дека нејзиното необично однесување е доволно важна причина за внимателно следење.
Научниците наведуваат дека оваа силно мутирана варијанта првенствено ги погодува децата, но не предизвикува потежок облик на болеста – ниту кај децата, ниту кај возрасните. Ова е значајно отстапување од досегашниот образец, според кој најголемата закана секогаш беа постарите лица.
Зошто го доби прекарот „Cicada“?
Варијантата го доби името по инсектот цикада, кој е познат по тоа што со години „исчезнува“ под земја, а потоа ненадејно повторно се појавува во огромен број.
Овој сој (BA.3) првпат беше откриен во 2022 година, по што целосно исчезна од радарите. Научниците веруваат дека вирусот „преживеал“ во организмот на едно лице со многу слаб имунитет, каде што еволуирал цели две години, за во ноември 2024 година повторно да се појави во Јужна Африка кај петгодишно дете, но со дури 70 мутации во споредба со оригиналниот вирус од 2019 година.
Зошто децата се на мета?
Податоците од Њујорк покажуваат дека децата се околу пет пати посклони кон инфекција со „Cicada“ во споредба со другите варијанти. Постојат неколку теории зошто е тоа така. Пред се имунолошката заштита кај децата стекната претходно слабее побрзо отколку кај возрасните. Возрасните прележале повеќе соеви и примиле повеќе вакцини, што им дава поширок „алат“ за одбрана. Децата имаат помалку вакви „средби“ со вирус. Овој сој нема одредени делови од геномот кои вообичаено го активираат имуниот систем, што му овозможува полесно да ги нападне помладите организми. Децата во градинките и училиштата се постојано опкружени со бактерии и вируси, што ги прави полесна мета.
„Оваа варијанта е како да сте му додале печен кромид на бургерот – не е сосема беззначајна, но не ја менува целата игра“, вели д-р Алекс Гренингер од Универзитетот Вашингтон.
Дали вакцините сè уште штитат?
Добрата вест е што постоечките вакцини и понатаму обезбедуваат одреден степен на заштита. Експертите засега сметаат дека варијантата е премногу „блага“ за да има потреба од итно ажурирање на вакцините.
Во моментов, благодарение на претходниот имунитет, не се забележува пораст на хоспитализации или смртност. Сепак, „Cicada“ веќе е регистрирана во 23 земји, што значи дека вирусот сè уште наоѓа начини да опстане и да се менува.