Новата студентска година е на прагот: Што ги очекува студентите?

На новата Шангајска листа објавена во 2025 не се наоѓа ниту еден македонски универзитет. Тоа е реалноста со која ќе се соочат и бруцошите кои се запишуваат на факултетите низ земјава, но и тековните студенти во Македонија, кои бараат подобра иднина.

Низ годините, во недостаток на национална стратегија за образование, различни одлуки и популистички мерки го кроеја студентскиот стандард, кој секоја година е сѐ понизок.

Тогаш, се поставува прашањетo: Дали оваа студентска година воопшто може да биде поразлична од претходните и што ги очекува студентите во академската 2025/2026?

Навикнувањето на атмосферата и гужвата на Скопје, метежот со автобускиот превоз и домувањето, како и нискиот квалитет на животната средина се дополнителни тешкотии за бруцошите кои доаѓаат од другите градови, кои се соочуваат со двојни предизвици околу адаптирањето на животот во главниот град и образовниот систем кој тој ќе го понуди. Во хаосот на системските недостатоци и потребите на студентите, тие брзо стануваат самостојни, но и незадоволни од она што државата и образовниот систем го нудат, за да можат да го извлечат најдоброто од себе и своето образование.

Студентскиот стандард и бруцошкиот живот се во најтесна рака поврзани со сиромаштијата и лошата економска состојба во која се наоѓа државата. Во моментов, постојат иницијативи како „Плати семестар“ на Здружението „Млади од семејна разновидност“ кои преку хуманитарни акции се обидуваат да им помогнат на студентите да го платат своето студирање. Студентските стипендии, кои се главен извор на поддршка и финансирање, често се исплаќаат со проблеми или задоцнување, што повотрно, тежината за трошоците ја става на семејствата на студентите.

Проблемите со домувањето и лошите услови остануваат меѓу главните фактори за разочарувањето на младите. Оваа година, капацитетот за смесување на студентите ќе функционира половично, со три студентски домови, поради реновирањето на домовите Кузман Јосифовски – Питу и Стив Наумов.

За состојбите со студентскиот стандард, очекувањата, надежите и проблемите, поразговаравме со студенти и активисти кои одблизу ја следат состојбата на факултетите во земјава, Савче Ѓошева – Студентска правобранителка на УКИМ која е на магистерски студии на Економскиот факултет и Бленди Ходаи, дипломиран студент на Филозофскиот факултет и директор на „Форумот за образовни промени“.

„Во однос на самите студии, некои работи се поместуваат. Од новата академска година, студентите ќе добијат е-индекс, а во текот на годината хартиениот индекс целосно ќе се укине. Пријавувањето на испити во претстојната испитна сесија ќе оди електронски, како и документите како потврда за редовност, уверение и слично, кои студентите ќе може да ги добијат дигитално. Засега, уписот останува физички со поднесување на хартиени документи, затоа студентите веќе се соочија со гужвите пред студентски прашања, една од маките со кои сме се соочиле и ние како студенти. “ – вели Савче околу промените кои може да се очекуваат на прагот на новиот семестар и долгогодишните барања на студентите за е-индекс.

Фотографија: Приватна архива на Савче Ѓошева

Бленди, од позиција на недостатоците на факултетите во однос на дигитализацијата, додава: За жал, и оваа година студентите нема да добијат квалитетни студиски програми, модерна настава или услови кои навистина ќе им овозможат да ги развијат своите капацитети. Наместо тоа, ќе се соочат со нефункционални системи, недостиг на транспарентност и институции кои повеќе мислат на сопствени интереси отколку на иднината на нивните студенти. Понатаму во многу факултети сè уште недостасуваат дигитални алатки, лаборатории и услови за практична работа, па студентите ќе продолжат да учат главно теорија без реална подготовка за пазарот на труд. На тоа се додава и проблемот со студентските домови, кои не нудат пристојни услови за живот и студирање.

Дигитализацијата на услугите на факултетите се еден од најголемите предизвици и најголемите студентски барања со цел олеснување на студирањето и надминување на бирократските бариери. Низ годините, постоеја многу ветувања и најави за овие трансформации, но во реалноста сѐ уште нема никакви промени. На почетокот на секој семестар и во испитните сесии, долги редици од студенти чекаат пред македонските банки и пошти за да ги исполнат потребните обврски таму, и потоа да ги пресликаат истите редици на факултетите.

Правобранителката додава дека дигитализацијата не е единствениот проблем на државниот универзитет Св.Кирил и Методиј во Скопје. Таа смета дека проблемите се појавуваат на повеќе нивоа – старата инфраструктура, нереновирани предавални и недостаток на сапун и хартија се само од нив. Савче смета дека и интернационализацијата на факултетите останува голем проблем, и покрај тоа што има факултети кои одговараат на модерните текови и ги следат интересните можности на програми како Еразмус.

Во контекст на ова, но и надежта за подобрување на моменталните услови за студирање, Бленди додава: „ Надежта секоја година е иста – додека ние се надеваме, нашите студии завршуваат и ништо суштински не се менува. Сепак, важно е универзитетите конечно да почнат постепено да се дигитализираат и модернизираат, да обезбедат пристојни услови за студирање и програми кои ќе нè подготват за реалниот, непредвидлив свет. Студентите заслужуваат квалитет кој ќе им помогне да просперираат, а не да се снаоѓаат во застарен систем“.

Фотографија: Стојан Рашков

Започнувањето со студиите треба да биде еден од најубавите и најквалитетни периоди во животот на студентите, преку кој не само што ќе ги откриваат своите потенцијали и можности, туку и ќе се развиваат и себе и својата иднина. Во процесот на нивно адаптирање и вклучување на факултетите мора да учестуваат  и професорите, како и целиот образовен систем, кој преку односот на професорот и студентот ќе поттикнат здрава критичка мисла и мотивација на идните академски граѓани. Она што е најважно е дека мора да се ослободат основните услови за достапно и лесно студирање, преку кое на студентите ќе им се даде поддршка и можност да се вклучат и квалитетно да го следат образовниот процес, без многу од пречките со кои во моментов се соочуваат.

Процесот на студирање претставува многу повеќе од справување со овие предизвици, па така, студентскиот активизам и критичкото промислување на потигнатото, ќе бидат важен елемент со кој мора да се стекнат новите студенти. Кревањето на гласот на студентите кога нивните барања не се задоволени е една од алатките преку кои тие можат да бараат остварување на нивните потреби и подобрување на стандардот, за што правобранителката Савче, за крај, додава:

„Не можам ова доволно да го нагласам со зборови, но студирањето не е само одење на предавања и одење дома. Студирањето е време и место, каде ги развиваме и обликуваме нашите гледишта и затоа мора да останеме жедни за знаење. Студирањето е исто така, единствениот период каде сè уште сме слободни да се вклучиме во активизам и некако да пробаме да ја подобриме академската заедница, но и општеството. Повеќето проблеми се решливи, но секоја генерација на студенти мора да продолжи да инсистира проблемите да решат и да продолжи да го гради отпорот кон секоја неправда.“ – додава таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни