Во планинскиот дел на перуанска Амазонија, во регионот Амазонас на границата со Еквадор, научници откриле нов вид мала торбарска жаба што своите млади ги носи во природна „торба“ на грбот. Станува збор за врстата Gastrotheca mittaliiti, долга меѓу 2,7 и 3,3 сантиметри, со впечатлива светлозелена боја и мали израстоци на грбот.
Она што ја прави оваа жаба особено необична е начинот на кој се грижи за потомството. Наместо јајцата да се развиваат во вода, како кај многу други жаби, оваа врста ги носи младите во торбеста структура на грбот, каде што тие се развиваат под заштита на мајката.
Откритието е објавено во научното списание Zootaxa, а во истражувањето учествувале и тимови од Florida International University и Универзитетот во Севиља. Од истражувачкиот институт Ceja de Selva за одржлив развој велат дека ова е уште еден доказ за огромното природно богатство на регионот и дека во шумите сè уште има многу видови што допрва треба да бидат откриени.
Но новооткриената жаба веќе е означена како вид под висок ризик. Според студијата, нејзиното живеалиште е загрозено од последиците на климатските промени, но и од пожари што настануваат кога земјоделци расчистуваат површини. Бројот на единки во дивината засега не е познат.