Во соопштението на здравствениот институт Sciensano се наведува дека ова е прв случај на нова варијанта на вирусот на мајмунска сипаница (Mpox) во Белгија. Пациентот бил заразен по сексуален контакт во Африка со лице кое имало симптоми на вирусот. Во соопштението се додава дека лицето е изолирано пред дијагнозата и дека поради мерките коишто се преземаат низ државата, ризикот од вирусот кај општата популација е многу низок.
Сепак, беше истакнато дека варијантата откриена во Белгија е позаразна од претходните варијанти на вирусот. СЗО го прогласи вирусот Мпокс за „јавна здравствена криза од меѓународен интерес“. Вирусот претходно беше откриен во Германија, Шведска, Велика Британија, САД и некои азиски земји.
Инаку, мајмунска сипаница е вирусна болест откриена во 1958 година, а е поврзана со сега искоренетиот вирус на сипаници. Може да се пренесе преку близок контакт како што се допирање, бакнување или интимен однос, како и преку контаминирани материјали како постелнина, облека и игли. Почетните симптоми се слични на грипот и вклучуваат треска, исцрпеност, нерасположение и мускулна слабост кои често се придружени со болен осип или чешање.
Некои епидемии на мајмунски сипаници убиле до 10 проценти од луѓето кои се разболеле, иако поновите епидемии имале помала стапка на смртност, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести. Одредени групи, вклучително и доенчиња, луѓе со сериозно ослабен имунолошки систем и бремени жени, имаат поголема веројатност да имаат потешки инфекции.