Постоењето на легендарното шкотско чудовиште од Лох Нес е жестоко дебатирано речиси еден век. Се вели дека големото морско суштество, познато како Неси, живее во слатководно езеро јужно од Инвернес и е вид сè уште непознат за науката.
Сега водечкиот научник од Оксфорд тврди дека конечно ја решил мистеријата, објави Дејли Меил.
Тим Коулсон, професор по зоологија на Универзитетот Оксфорд, рече дека е „биолошки невозможно“ да постои чудовиштето од Лох Нес.
„Фактот што не се пронајдени скелетни остатоци од Неси во регионот и дека никој не фатил такво суштество во нивните рибарски мрежи докажува дека животното не е реално“, истакна Колсон.
„А што се однесува до наводните фотографии од ѕверот направени од локалното население и туристите, има едноставно објаснување. Во случајот со чудовиштето од Лох Нес, тие или гледаат парчиња лебдечки отпад, или птица како корморан со долг врат како седи ниско во вода“, изјави тој.
„Можеби мислите дека тоа звучи малку веројатно, но секогаш сум изненаден од тоа колку лошо луѓето можат да ја проценат големината, особено кога се надеваат дека ќе видат одредено животно“.
Исто како Бигфут и Јети, чудовиштето од Лох Нес е криптид – суштество чие постоење е спорно или непоткрепено, со малку или никакви научни докази.
Најраниот извештај за чудовиштето од Лох Нес е од 565 година од нашата ера, но Неси стана глобален феномен во 1934 година по објавувањето на „фотографијата на хирургот“, на која наводно е прикажан ѕверот (иако остануваат сомнежите за автентичноста на снимката).
Оттогаш, многу посетители направија матни фотографии од она што тие мислат дека е ѕверот во езерото долго 23 милји, но ниту еден не нуди убедливи докази.
„Отсуството на скелетни остатоци и какви било веродостојни фотографии се силни и сигурни показатели дека Неси, Бигфут и Јети не постојат“, прецизира Колсон во написот за магазинот „The European“.
„Им се извинувам на сите криптозоолози што го забивме овој голем и последен клинец во криптидните ковчези, но време е да се најде друго хоби.“