Целта на претставата е да се занимава со актуелни проблеми на младите луѓе од овој геополитички контекст, врзани со род, социјален статус, недостаток на конструктивна поддршка од системот и родителите, како и неможност да се потпрат на никој освен на своите врсници за одредени прашања.
Младите денес сѐ уште се соочуваат со недостиг на слух од образовниот систем, површно третирање на суштински проблеми, како врсничко насилство и родова и дискриминација по основ на сексуална ориентација. Покрај тоа, не постои формално сексуално образование, како и конзистентна и бесплатна поддршка за проблемите со менталното здравје кои за жал во ова доба се доста присутни. Исто така, оваа претстава има за цел да не потсети сите на фактот дека сме заедница, притоа поставувајќи ги прашањата кои не спречуваат да се поврземе.
Текстот и режијата се на Хана Миленковска, а автор на оригиналната музика е Ади Имери. ,,Чудо” е дел од кампањата Биди чудо од девојка, во рамки на проектот „Еднакви можности за девојките и младите жени во Северна Македонија“, кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мрежа Стела, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.