Крај на глобализацијата? Светот влегува во опасна економска криза

Лидерите на ЕУ и САД отворено зборуваат за крајот на старата глобализација, раст на трговските бариери и нова геополитичка економија.

„Делегиравме енергија на Русија, безбедност на САД, а клучни перспективи на Кина. Мора повторно да ги преземеме“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во говор на Сорбона во април 2024 година.

Според аналитичарите, ова не беше само реторика, туку признание за стратешка грешка на Западот – и сигнал дека глобалниот поредок влегува во нова фаза.

За првпат по крајот на Студената војна, водечки политички и економски лидери отворено признаваат дека моделот на глобализација што го обликуваше светот во последните три децении повеќе не функционира како стабилен систем, туку како извор на ранливост.

Претседателот на HSBC, Сер Марк Такер, изјави дека „глобализацијата можеби го завршила својот пат во сегашната форма“. Слични оценки доаѓаат и од Светската трговска организација, Светската банка и други меѓународни институции.

ОЕЦД предупреди дека светската економија во 2026 година ќе забави поради растечки трговски бариери и геополитичка неизвесност. Иако се очекува забавувањето да биде умерено, трендот е јасен – глобалната економија влегува во фаза на политичка фрагментација.

Од глобализација до геополитичка економија

По 1990-тите доминираше уверувањето дека трговијата и меѓузависноста автоматски носат стабилност и просперитет. Но пандемијата, војната во Украина, ривалството меѓу САД и Кина и енергетските кризи ја открија слабоста на системот- прекумерна зависност без политичка контрола.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави нова парадигма: државата мора да може сама да ги произведува клучните производи без да зависи од странски синџири на снабдување. Законот за чипови (CHIPS Act), индустриските субвенции и ограничувањата кон Кина означија крај на ерата на неограничена слободна трговија.

Економијата повторно станува инструмент на геополитиката.

САД консолидираат западен технолошки блок, Кина гради паралелен економски систем, Русија ја користи енергијата како политичко оружје, а ЕУ зборува за „стратешка автономија“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен призна: „Мора да ги намалиме нашите стратешки зависности и да изградиме сопствени капацитети.“

Социјална димензија на кризата

Нобеловецот Џозеф Стиглиц предупредува дека слободната глобализација не го направила светот поправеден. Без механизми за прераспределба, системот ги фаворизира богатите држави и корпорации.

Професорот Дани Родрик ја формулира познатата „политичка трилема“: невозможно е истовремено да постојат целосна демократија, национален суверенитет и потполна глобална економска интеграција.

Новата фаза, според бројни институти, не е целосна деглобализација, туку „реглобализација“ – регионализација, диверзификација и зголемена контрола врз стратешките сектори.

Компаниите не ги напуштаат глобалните синџири, туку ги редизајнираат – наместо максимална ефикасност, приоритет стануваат отпорност и контрола.

Доколку почетокот на 21 век беше доба на глобализација, оваа декада може да стане доба на геополитичка економија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни