Истражувањето, спроведено под раководство на д-р Џенифер Голдман од болницата Children’s Mercy во Канзас Сити, било објавено во списанието Pediatrics. Научниците анализирале брисеви и симптоми кај повеќе од 800 ученици и вработени во училиштата во периодот од ноември 2022 до мај 2023 година. Резултатите покажале дека над 85 проценти од сите учесници имале барем еден детектиран респираторен вирус, додека повеќе од 80 проценти претрпеле епизода на акутна респираторна болест.
Најголем број заразени биле меѓу најмладите: дури 92 проценти од децата во градинките и пониските одделенија имале активен вирус, наспроти 76 до 86 проценти кај постарите ученици. Предучилишните деца, на возраст од три до пет години, најчесто покажувале и видливи симптоми на болест.
Најчестите причинители биле вирусите што предизвикуваат обична настинка – како риновирусите, присутни кај 65 проценти од учесниците, и сезонските коронавируси, забележани кај околу 30 проценти. Вирусот што предизвикува ковид-19 бил откриен кај приближно 15 проценти од испитаните.
Д-р Никол Торес од Универзитетот во Мајами објаснува дека ова е очекувано: „Малите деца можат да имаат и до десет респираторни инфекции годишно, бидејќи нивниот имун систем сè уште учи да препознава различни патогени.“ Таа додава дека родителите не треба да се изненадуваат ако нивните најмлади често се настинати: „Тоа може да изгледа како бескраен циклус, но со тек на време нивната отпорност се зајакнува.“
Стручњаците советуваат редовна вакцинација против грип и ковид-19, како и почитување на основните хигиенски навики – миење на раце, покривање при кашлање и кивање, редовно проветрување и чистење на просториите. Кога децата ќе се разболат, најважни се одморот, внесот на течности и доволно сон, а во потешки случаи – консултација со лекар.
Студијата потсетува дека иако настинките се дел од растењето, превенцијата и внимателното следење на симптомите остануваат клуч за зачувување на здравјето на целото семејство.
Извор: N1info.rs
