Користењето на вештачка интелигенција, особено ChatGPT, може да доведе до намалување на когнитивните способности, покажува нова студија на американскиот Институт за технологија во Масачусетс (MIT).
Истражувањето, кое се уште е во фаза на претпечат, е спроведено од страна на MIT Media Lab. Учесниците биле поделени во три групи – едната користела само ChatGPT, другата пребарувач, а третата немала пристап до никакви дигитални алатки – со задача да напишат есеи. За време на пишувањето, биле направени мозочни скенирања со електроенцефалограм (EEG) за да се следи активноста на мозокот.
Најмала мозочна активност кај оние што користеле ChatGPT
Резултатите покажале дека групата што користела исклучиво ChatGPT имала најниско ниво на неврална активност во клучни делови од мозокот и покажала слаба способност за потсетување и препознавање на сопствениот текст. За разлика од нив, учесниците кои не користеле никаква технологија биле најангажирани – и когнитивно, и мемориски.
Во втората сесија од студијата, учесниците од ChatGPT-групата повторно добиле задача да пишуваат, но овојпат без никаква помош. Нивните резултати биле полоши од останатите – текстовите биле „површни и пристрасни“.
„Когнитивен долг“ и слабеење на креативноста
Истражувачите воведуваат нов поим – когнитивен долг, што се однесува на намалена способност за учење и самостојно размислување како резултат на претерана употреба на генеративна вештачка интелигенција.
„Во долгорочна перспектива, луѓето кои се потпираат на вакви алатки може да станат подложни на намалена критичка мисла, помала отпорност на манипулација и опаѓање на креативноста“, се вели во студијата.
Дополнително, учесниците кои самостојно ги пишувале сите есеи имале повисока мозочна поврзаност и пријавиле поголема поврзаност со сопствениот текст. За разлика од нив, другите групи тешко се сеќавале на напишаното и не можеле да цитираат дел од својот текст на барање на истражувачите.
Авторите препорачуваат да се направат подлабоки истражувања за тоа како генеративните модели на вештачка интелигенција влијаат врз мозокот, пред да се смета дека тие имаат генерално позитивно влијание врз луѓето.