Театар Комедија со гордост ви ја најавува новата премиера на „Арсеник и стара тантела“ која ќе се одржи на 20 декември 2024 година, на големата сцена во театарот. Оваа претстава, под режија на Лидија Дедовиќ, зборува за изопаченоста и современотобезумие, за прикривањето злосторства, за емпатијата како изговор за криминал,
за љубовта…
Навидум е сè нормално и општествено прифатливо во животот на сестрите Аби и Марта Брустер. Тие живеат заедно со нивниот возрасен внук Теди. Средината ги почитува и им е наклонета, заради нивната милосрдност и добродушност кон соседите. Освен тоа, тие се религиозни и богоугодни, и се радуваат на новиот свештеник во заедницата, особено затоа што неговата ќерка има романтичен
однос со другиот внук, театарскиот критичар Мортимер. Но, оваа идилична слика, всушност има мрачна опачина. Сестрите Брустер имаат бизарно хоби – труење осамени луѓе (претежно мажи), Теди страда од делузија на идентитет и верува дека е претседателот Теодор Рузвелт, а добро чуваната тајна во семејството на лудаци се открива со појавата на третиот внук, Џонатан, за кого се знае многу малку до неговото враќање во домот. Овој комплекс од ликови и нивното заемно
дејство, впрочем, формираат „театар во театар“ и тоа на неколку нивоа: преку идентитетската криза на Брустерови, преку класичната драмска постапка на препознавање и кулминира со метатеатралната сцена во која Мортимер ја исмева претставата што ја гледал, притоа антиципирајќи го тоа што ќе му се случи следно – речиси идентичен исход како на несреќниот лик од претставата.
„Арсеник и стара тантела“ од Џозеф Кеселринг првично била предвидена како сериозна пиеса, инспирирана од вистински настани, но потоа била преработена во фарсична црна комедија со макабристички елементи. Уште од првата изведба на Бродвеј во 1941 година станала хит, постигнувајќи неверојатен успех кај критиката и публиката, за што зборува податокот за одиграни 1.444 изведби.
Пиесата добила и филмска адаптација во 1944 година, со Кери Грант во главната улога, инаку втората најголема филмска ѕвезда на сите времиња (по Хемфри Богарт) според Американскиот филмски институт.
Автор: Џозеф Кеселринг
Превод: Горан Додевски
Соработник на драматургија: Благица Секулоска
Лектор: Зорица Манаскова Станковиќ
Режија и адаптација: Лидија Дедовиќ
Асистент на режија: Жаклина Петровска
Сценограф: Сергеј Светозарев
Соработник на сценографија: Војдан Запров
Технички раководител: Никола Николовски
Костимограф: Ивана Каранфиловска
Композитор: Емин Џијан во соработка со Оливер Јосифовски
Играат:
Атанас Атанасовски
Валентин Костадиновски
Сергеј Димоски
Столе Мицов
Григор Јовановски
Тони Денковски
Жаклина Петровска
Илија Илиоски
Виктор Арсов
Инспициент: Александар Јорданов
Суфлерка: Винсент Вилчник
Тон мајстор: Томи Анчов
Светло мајстор: Слободан Илиоски
Реквизита: Крон Красниќи и Жаклина Пецевска
Подгответе се за незаборавно театарско доживување!