Нова премиера во МНТ – „МАРТА ВЕРИНА“ на Драгана Лукан Николоски во режија на Нина Николиќ

Во претставата настапуваат Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софиа Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ

На 7 ноември во МНТ премиерно ќе биде изведена претставата „МАРТА ВЕРИНА“ на авторката Драгана Лукан Николоски во режија на Нина Николиќ.

Во претставата настапуваат Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софиа Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ.

Сценограф е Илина Ангеловска, а костимограф Ивана Каранфиловска Угуровска.

Музиката во претставата е на Оливер Митковски и Андреја Салпе.

Писателска белешка за „Марта Верина:

“Еднаш, Горан Стефановски, на едно предавање, ни кажа дека театарот е искривено огледало на реалноста кое треба да ги потенцира работите кои сакаме да му ги кажеме на светот, а тоа најдобро се прави кога крадеме, од оние кои се подобри писатели од нас и од самиот живот. „Марта Верина“ е драма која секоја своја реплика ја има украдено од стварноста. Ова е драма напишана низ клучалка, ни го покажува животот зад затворената врата, на моменти до непријатност од интимноста со која се соочуваме. Нејзините ликови сите ги познаваме, ги среќаваме секој ден, ги сакаме или ги мразиме, но тие не се црно бели, тие ги имаат сите тонови на спектарот и истовремено се ужасно во право и ужасно грешат. Ова е драма во која ликовите се разголуваат, ги тргаат сите слоеви кои ги имаат создадено за да се заштитат од суровиот свет и ни се покажуваат такви какви што сме сите ние кога ќе собереме доволно храброст да се погледнеме искрено во искривеното огледало кои ги потенцира сите наши маани. Марта Верина е драма за луѓето, за мажите, за жените и за децата, за тоа како делуваат нашите постапки врз оние кои ни се најблиски. Но, најмногу од сè, ова е драма за љубовта. Инспирирана од поезијата на Ацо Шопов, прави една конекција која ни зборува дека луѓето се секогаш исти, песните напишани пред повеќе од 50 години, стануваат толку свежи и модерни, откривајќи ни ја суштината на овие ликови кои постојат овде и сега, и секаде и секогаш. Со помош на зборовите кои сите ние секојдневно ги слушаме и ги кажуваме, Марта пробува да ни раскаже една приказна за оние работи за кои најчесто немаме зборови, за моментите во животот кога остануваме без текст, бидејќи како што би рекла самата Марта: „Кога луѓето се засакуваат, се отсакуваат и се оставаат, тоа никогаш нема никаква врска со зборови“ Драгана Лукан Николоски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни