Португалската и германската полиција почнаа нова потрага во Португалија како дел од тековната истрага за исчезнувањето на Медлин МекКен.
Новата потрага ќе ја опфати општината Лагос, која се наоѓа покрај Праја да Луз, град во Алгарве каде што девојчето исчезна пред речиси две децении, јави Би-Би-Си.
Медлин имала три години кога исчезнала од станбен комплекс на 3 мај 2007 година, додека била на одмор со своето семејство.
Нејзиното исчезнување поттикна полициска истрага низ цела Европа и стана еден од најзначајните нерешени случаи на исчезнати лица во светот.
Португалската полиција денеска потврди дека меѓу 2 и 6 јуни бил исвршен претрес, врз основа на налози издадени од германски обвинители.
Германските истражители го презедоа водството во случајот откако во 2020 година го идентификуваа 48-годишниот Кристијан Брикенер, кој моментално е во затвор во Германија поради друго кривично дело, како главен осомничен.
Германските власти го сомничат за убиство, но не пронашле доволно докази за поднесување обвинение. Брикенер повеќе пати негираше каква било вмешаност.
Моментално отслужува затворска казна во Германија поради силување на 72-годишна американска туристка во Португалија во 2005 година.
Германските власти денеска за Би-Би-Си изјавија дека „ во Португалија во тек е кривична постапка“ и се спроведува со поддршка на португалската полиција.
Португалските власти исто така го именуваа Брикенер како формален осомничен, или „аргуида“. Тие рекоа дека ќе ги предадат сите докази запленети во најновата потрага на германските власти.
Во меѓувреме, Метрополитенската полиција сопшти: „Свесни сме за потрагите што ги спроведува БКА (германската сојузна полиција) во Португалија како дел од истрагата за исчезнувањето на Медлин МекКан“.
Потрагата ќе биде прва во две години. Претходната потрага во 2023 година беше фокусирана на оддалечена брана, 40 минути возење од местото каде што Медлин последен пат била видена.
Пронајдени се фотографии и видео записи од Брикенер во близина на резервоарот, кој поминал време во тоа подрачје меѓу 2000 и 2017 година.
Португалските медиуми денеска јавија дека новата потрага ќе се фокусира на областа меѓу одморалиштето Оушн Клуб каде што престојувало семејството МекКен и куќата во која Брикенер претходно живеел.
Ноќта кога исчезнала Медлин, нејзините родители вечерале со пријатели во ресторан кој се наоѓал на кратка прошетка, додека Медлин и нејзините помали брат и сестра близнаци спиеле во станот на приземје.
Нејзините родители цела вечер ги проверувале децата сè додека нејзината мајка Кејт не открила дека Медлин ја нема околу 22:00 часот.
Германските власти и понатаму го третираат Брикенер како главен осомничен. Сепак, обвинителите во Германија претходно оваа година изјавија дека „нема изгледи“ за поднесување обвинение против него во врска со исчезнувањето на Медлин.
Германски документарец од 2022 година пронашол докази дека Брикенер повремено работел во Оушн Клуб како мајстор, додека германските обвинители исто така ги поврзале неговите податоци од мобилен телефон и продажба на автомобили со нивниот случај против него.
Родителите на Медлин минатиот месец ја одбележаа 18-годишнината од нејзиното исчезнување.
Метрополитенската полиција ја продолжува истрагата за исчезнувањето на Медлин, позната како Операција Грејнџ, која трае од 2011 година.