На вториот ден од фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура во кафе-книжарницата „Буква“ ќе биде промовирана новата поетска збирка на поетот Андреј Медиќ Лазаревски. Лазаревски ѝ е познат на културната јавност во Македонија по бројните ангажмани фокусирани на младинската култура и здружението „Култура Бета“, фестивалот „РЕ-КУЛТУРА“, Филозофскиот филмски фестивал и други бројни активности кои го сместуваат во најактивните млади уметници на нашата сцена.
Новата поетска збирка има навистина необично име. „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од вардаровите галии“ е насловот на книгата во мал формат, која излегува во издание на „Култура Бета“, а ќе биде промовирана на вториот фестивалски ден од Калина Качоровска и Стефан Спасовски. Книгата се состои од десет песни во кои доминира сатира измешана со хумор, а преку нив, авторот коментира многу општествени состојби – состојбата со градот, родот, идентитетот, сексуалноста и многу други.

„Насловот на книгата е извлечен од наслов на една од песните внатре во неа. Идејата зад волку долг наслов оди на линија на целиот концепт на книгата – да биде што е можно посатирично, преувеличено, па ако сакате и чудно, а сето ова во фукнција на сатирата и критиката кои низ книгата се пронижени. Затоа и во посветата на книгата стои еден извадок „Манифест на Господинот Антипирин“ од Тристан Цара, а внатре во книгата може да се видат и одредени визуелни решенија на дел од стиховите кои отскокнуваат од стандардниот приказ на стих.“ – вели Андреј околу поигрувањето со насловот на книгата и суштината позади неа.
Тој додава дека оваа поетска збирка е редефинирање и на неговото поетско творештво, односно за разлика од првите поинтимни и чувствени книги со разработени основни филозофски концепти, сега станува збор за книга поотворена и поангажирана преку хуморот и сатирата.
Оваа книга на Медиќ Лазаревски произлезе и како резултат на еден поширок концепт– поетика на гнилото – односно за надоврзување на изложбата „Црно под ноктите“ која беше поставена минатата година. Таа беше најава за стихозбирката со работен наслов „Црно под ноктите: огнови, бездни и ѕвезди“ која се надевам ќе излезе следната година.
За неа, Стефан Спасовски, на задната корица како рецензија напиша: Читајќи ги овие песни, лесно се навраќаме низ историјата на книжевноста. Медиќ Лазаревски усетно комуницира со поезијата на Цара, Гинзберг, Конески, Шопов, Дирјан, Џепароски, Ќулавкова, но и директно со нив, создавајќи стихови кои, веројатно, би се читале и на надреалистичките кружоци во Париз. Често поаѓајќи од вистински настани и од ликови кои не’ опкружуваат се истакнува ангажираноста, современите и вечни прашања и теми, преку кои доловува свет во кој иронијата ја има Сократовата задача – да се дојде до посакуваниот одговор или, можеби, посакуваниот свет за живеење. Во овие стихови сето маргинализирано е ставено во центар, па не е чудно и да се запрашаме: Каде се наоѓаме?