Нова ноќна железничка линија ќе поминува меѓу Париз и Берлин од следната година

Возобновувањето на ноќните возови во Европа доживеа неочекуван удар во септември, кога австрискиот државен оператор ÖBB објави дека ќе ги укине своите две ноќни линии – Париз–Виена и Париз–Берлин – почнувајќи од 14 декември. Причината, според ОBB, е одлуката на француската влада да ги укине субвенциите за овие линии, што претставува удар за европската „ренесанса на ноќните возови“.

Сепак, на хоризонтот се појавува нова надеж. Компанијата European Sleeper изјави за The Guardian дека ќе ја преземе линијата меѓу Париз и Берлин, а првиот воз ќе тргне на 26 март 2026 година. Линијата ќе сообраќа три пати неделно, со тргнувања од Париз Гар дю Нор во вторник, четврток и недела навечер, а повратните возови од Берлин Хауптбанхоф и Остбанхоф ќе тргнуваат во понеделник, среда и петок.

Во споредба, сегашниот воз Nightjet тргнува од Париз Гар де л’Ест нешто по 19 часот и патува преку Стразбур, Франкфурт, Ерфурт и Хале, пристигнувајќи во Берлин околу 8:30 наутро. Новата линија на European Sleeper ќе патува преку Брисел, а точната рута и временска рамка сè уште се усогласуваат со железничките власти во Франција, Белгија и Германија.

„Верувам дека пазарот на ‘Nightjet’ дефинитивно ќе биде заинтересиран за патување со ‘European Sleeper’“, изјави Крис Енгелсман, коосновач на компанијата. „Ќе можеме и да ја прошириме патничката база бидејќи имаме поголем капацитет. ÖBB управуваше со 12 вагони кои се делеа кон Виена и Берлин, додека ние ќе имаме 12 до 14 вагони целосно посветени на Берлин, со капацитет од 600 до 700 патници.“

Веста беше пречекана со ентузијазам од француската група Oui au train de nuit!, која во септември организираше „пиџама журка“ на платформите на Гар де л’Ест во знак на протест против укинувањето на ноќните линии од Париз. „Ова е делумна победа за 91.000 луѓе што ја потпишаа нашата петиција“, изјави портпаролот Никола Фориен.

European Sleeper планира да користи германски вагони од 1990-тите, кои според Енгелсман нудат комфор сличен на сегашниот Nightjet. „Нашите спални вагони на линијата кон Прага се постари, некои дури од 1956 година, но тие нема да се користат на оваа рута. Новите ќе бидат помодерни,“ рече тој.

Компанијата, холандска задруга основана со цел обновување на европските ноќни линии, го лансираше својот прв воз меѓу Берлин и Брисел во мај 2023 година, а една година подоцна линијата беше продолжена до Дрезден и Прага. Досега има превезено повеќе од 230.000 патници на над 750 ноќни возови. И покрај одредени технички проблеми, доцнења и повремени деградации, патниците ја ценат ретро-носталгијата и автентичноста на патувањето.

На прашањето дали ќе има вагон-ресторан, Енгелсман одговори: „Не од самиот почеток. Би сакале да имаме, но тоа е финансиски предизвик. Трошоците за изнајмување на вагонот и персоналот се високи, а е тешко да се покријат само со продажба на храна и пијалаци.“

Иако нема да има гурмански вечери во движење, новата линија Париз–Берлин ветува враќање на романтиката на ноќното патување – со можност повторно да се заспие во Франција и да се разбуди во срцето на Германија.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни