ХЕРА потсетува дека ХИВ денес претставува контролирана здравствена состојба доколку се открие навреме. Луѓето кои редовно се тестираат и се на терапија имаат недетектибилен вирус – што значи дека не можат да го пренесат преку сексуален контакт. Покрај ХИВ, достапни се и тестови за сифилис, гонореја, кламидија, хепатит Б и хепатит Ц, со резултати добиени за најмногу 30 минути. Тестирањето е бесплатно, анонимно и доверливо, спроведено од обучени здравствени работници и советувачи во безбедна и пријателска средина.
„Редовното тестирање е чин на свесност и одговорност, бидејќи здравјето на заедницата започнува од секој поединец“, наведуваат од ХЕРА. Организацијата нагласува дека навременото тестирање значи здравје, контрола и спокој: „ХИВ не избира, но секој може да избере да се тестира. Најголемиот ризик е да не го знаеш својот ХИВ статус.“
Термин за бесплатно тестирање може да се закаже со јавување во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на телефонските броеви 070 227 386 или 02/3176-950, преку онлајн-формулар на https://hera.org.mk/onlajn-zakazuvanje-pregled/ или со директна посета на центарот на ул. „Елисие Поповски Марко“ бр. 2 на Водно.
Активностите се реализираат преку Програмата за заштита од ХИВ, поддржана од Министерството за здравство. Европската недела на ХИВ тестирање има за цел да го зголеми пристапот до тестирање и да ја подигне свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата со зголемен ризик.
