Книгата претставува видоизменета верзија на докторската дисертација одбранета во 2024 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. Студијата содржи пет поглавја, придружена со обемен поговор од Лидија Капушевска-Дракулевска, распространета на 500 страници.
Книгата ги прикажува историјатот и патот на митот за Орфеј од античката филозофија преку христијанската ера па сѐ до модерните времиња. Во истражувањето се испреплетуваат и неколку различни дисциплини како што се класичните студии, филозофијата и психологијата, при што се проблематизира и орфизмот како филозофско учење, орфичките химни и орфичката идеја во целост.
Во студијата се прави обид за типологија на поетички модели на орфејска и орфичка поезија, при што се прават паралели и споредби на еминентните европски автори како Новалис, Нервал, Маларме, Рилке и Елиот со македонските автори Шопов, Јаневски, Павловски, Урошевиќ, Ренџов, Клетников, Даниловски и многу други.

Проблемот на орфичкото во поезијата во последниве години е доста актуелна тема во светската книжевна наука, која првпат се истражува во македонскиот научен дискурс. Сузана В. Спасовска (1972) дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Покрај седум збирки поезија, ги објавила и научната студија за слободниот стих „Слободата на стихот“ (2021), како и збирката критичко-есеистички текстови „На врв од острицата“ (2024). Изданието е поддржано на Годишниот конкурс за финансирање на проекти од културата на македонското Министерство за култура и туризам за 2025 година.
