„Нова Македонија“ – 81 година од првиот број на најстариот македонски дневен весник

На денешен ден, пред 81 година, беше отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“ – симбол на македонската државност, јазик и културен идентитет. Весникот е основан со одлука на Президиумот на АСНОМ, донесена на третата седница одржана од 2 до 5 септември 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчињски“.

Името „Нова Македонија“ било избрано меѓу трите предлози – „Независна Македонија“, „Слободна Македонија“ и „Нова Македонија“, како симбол на раѓањето на новата држава. Весникот е прв што бил отпечатен на современ македонски јазик на ослободената територија и бил создаден како орган на Народноослободителниот фронт на Македонија, со цел да биде масовен и народен весник. Главен уредник бил Васил Ивановски.

Првиот број на „Нова Македонија“ бил отпечатен на 29 октомври 1944 година во селото Горно Врановци, на печатарска машина „Бостонка“, позајмена од тогашната Народна библиотека. Изданието имало осум страници, било објавено во мал тираж и дистрибуирано до бригадите, штабовите и здруженијата.

Денес, печатницата на која бил отпечатен првиот број е зачувана како дел од Меморијалниот музејски комплекс во Горно Врановци – местото каде при крајот на Втората светска војна престојувале и работеле највисоките државни, воени и политички структури на тогашна Македонија.

Вториот број на весникот бил објавен во Битола на 14 ноември 1944 година, а третиот на 22 ноември истата година во Скопје, со што започнува ново поглавје во македонската медиумска и културна историја.

Денес, 81 година подоцна, „Нова Македонија“ останува сведоштво за македонската борба за слобода и културен идентитет, весник што ја следи историјата на државата и народот и кој продолжува да биде гласник на македонскиот дух и современост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни