Нова лабораторија за скулптура во дрво на Факултетот за ликовни уметности во Скопје

Факултетот за ликовни уметности при УКИМ доби современо опремена лабораторија за скулптура во дрво, реализирана со поддршка на Rotary Club Skopje Centar и компанијата Маквелд ДОО.

Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од денес располага со нова, современо опремена лабораторија за скулптура во дрво, поставена во рамки на Катедрата за скулптура и трансмедиумски практики.

Проектот е реализиран со поддршка од Rotary Club Skopje Centar и компанијата Маквелд ДОО, кои со својата донација овозможија студентите и професорите да добијат професионално уреден простор за креативна и експериментална работа.

Лабораторијата е опремена со рачни и полустационарни електрични алати, што овозможуваат современ пристап кон обработката на дрво и истражување на различни техники и материјали. Овој нов простор ќе овозможи студентите да развиваат оригинални уметнички изрази и да ги продлабочат своите практични знаења во областа на современата скулптура.

Од Факултетот нагласуваат дека ваквите инвестиции се од суштинско значење за унапредување на наставниот процес, истражувачката работа и развојот на нови генерации визуелни уметници. Новата лабораторија, според професорите, ќе претставува и место за колаборација меѓу академската заедница и локалните уметници, но и платформа за идни проекти и изложбени програми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни