Нова комета во април ќе помине опасно блиску до Сонцето

Комета која припаѓа на групата „сонцеголтачи“ во почетокот на април ќе помине исклучително блиску до Сонцето, а научниците не исклучуваат можност кратко да биде видлива и преку ден.

Нова комета со ознака C/2026 A1 (MAPS) би можела да стане едно од најинтересните небесни изненадувања оваа година. Таа беше откриена на 13 јануари со помош на далечински управуван телескоп во пустината Атакама, по што астрономите утврдија дека припаѓа на познатата група Креуцови „сонцеголтачи“.

Станува збор за комета која минуваат исклучително блиску до Сонцето. Според досегашните пресметки, во почетокот на април кометата MAPS ќе помине на околу 120.000 километри од сончевата површина. Доколку го преживее овој екстремен премин, можно е да заблеска на вечерното небо, а постои и мала можност кратко време да биде видлива дури и преку ден.

Креуцовиот „клан“ на комети потекнува од огромна комета која се распаднала пред повеќе од две илјади години на голем број фрагменти. Од таа фамилија потекнуваат некои од најспектакуларните комети во историјата, меѓу кои Големата комета од 1882 година и познатата C/1965 S1 (Ikeya-Seki), која се смета за најсјајната комета на 20 век.

Особено интересно е што кометата MAPS е откриена на поголема оддалеченост од Сонцето отколку било која претходно регистрирана Креуцова комета. Тоа може да укажува дека станува збор за поголем фрагмент, но и дека кометата веќе покажува зголемена активност. Досегашните набљудувања покажуваат постепено зголемување на нејзиниот сјај.

Астрономите ширум светот внимателно го следат нејзиниот развој во наредните недели. Ако кометата го преживее најблиското приближување до Сонцето, можно е во април да приреди вистински небесен спектакл. Во спротивно, како и многу „сонцеголтачи“, може да се распадне пред да стане видлива со голо око.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни