Нова година без новогодишни резолуции

Новата година сега ја дочекувам без листа. Наместо тоа, си дозволувам простор. За грешки. За одмор. За промена на мислење. За живот што не мора да е совршен за да биде убав. И некако, тоа ми звучи доволно. Ја почувам годината, не како проект што треба да се заврши, туку како нешто што се живее.Сосема доволно за мене.

Со години секој декември правев листа со новогодишни резолуции. Не една, туку повеќе. Во тефтер, во телефон, на ментален пост. Што треба почнам да правам во годината што следи, што треба да престанам. Што сè треба да поправам и да направам за да биде подобро, да ги исправам грешките… Ја оптоварував годината сè уште непочната со големи очекувања. Вложував многу труд во тоа да се „подобрам“, а малку во тоа да се прифатам. Барав совршена формула за година без грешки.

Листите беа амбициозни. Јас помалку. До февруари веќе знаев дека јануари победил.

Некаде после 40-тата почнав да ги пуштам очекувањата. Не одеднаш, не херојски. Само престанав да си ветувам работи. Се уморив. Решив да живеам повеќе и да планирам помалку. Да не ја правам годината уште „еден проект што треба итно да се оптимизира“. Да не ги поправам старите грешки во новите денови. Да ги прифатам работите такви какви што сè и да уживам во нив. Дури и во оние непланираните.

Научив дека е доволно само да се биде присутен. Да се дише, да се смее, да се греши и да се започне повторно без тежина на претходните неуспеси. Да се дозволи животот да дојде сам, а не како задолжително поле во дневниот ред.

Новата година сега ја дочекувам без листа. Наместо тоа, си дозволувам простор. За грешки. За одмор. За промена на мислење. За живот што не мора да е совршен за да биде убав. Простор за подолго утринско кафе, за разговори што не се планирани, за книги што се читаат во било кој редослед и за музика што се пушта без причина. Простор за мали радости што не се мерат, не се споредуваат и не се впишуваат на листа. Простор за нови луѓе.

Нема резолуции. Нема пет чекори до среќа. Има само еден јануари кој го почувам од нула. Со свое темпо. И некако, тоа ми звучи доволно. Доволно да ја започнам годината со мир, а не со стрес и не како проект што треба да се заврши, туку како нешто што е убаво да се живее.

Сосема доволно за мене.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни