Нова експлозија во Москва, во близина на местото каде пред два дена беше убиен генерал

Во експлозија што се случила изминатата ноќ на улицата Елецкаја, на југот од Москва, загинале три лица, меѓу кои и двајца припадници на руската сообраќајна полиција (ДПС), соопшти Истражниот комитет на Русија.

Според официјалното соопштение, двајцата полицајци забележале сомнително лице во близина на службено полициско возило. Кога му се приближиле со намера да го легитимираат и приведат, била активирана експлозивна направа.

„Поради здобиените повреди, на местото на настанот загинаа двајца полициски службеници, како и лицето што се наоѓало во нивна близина“, се наведува во соопштението. Експлозијата се случила во густо населен дел од градот. На терен и натаму се припадници на Истражниот комитет, полицијата, Росгвардија и екипи на итната медицинска помош.

Руските власти потврдија дека е покрената кривична постапка. Најавено е спроведување повеќе судско-вештачки анализи, вклучително медицинско и експлозивно-техничко вештачење, со цел да се утврдат околностите на инцидентот, видот на експлозивната направа и начинот на нејзино активирање.

Државното обвинителство го презеде надзорот над истрагата. Засега не е објавено дали третото загинато лице било напаѓачот, ниту дали постои поврзаност со организирани структури или политички мотиви.

Да потсетиме, пред два дена во експлозија на автомобил-бомба во Москва беше убиен рускиот генерал Фанил Сарваров, во близина на местото каде што се случи и ноќешната експлозија. Тоа беше трет случај на убиство на генерал во Москва во изминатата година.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни