Во насока на создавање трајни културни вредности и промовирање на македонската култура, издавачката куќа „Арс Ламина“ и Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“, почнаа нов проект – едицијата Вистински бајки од Македонија. Оваа едиција е инспирирана од вистински личности од нашата историја без чиешто општествено дејствување нашето постоење денес би било незамисливо.
– По големиот успех на едицијата Бајки од Македонија, а потоа и на авторските современи бајки – Нови бајки од Македонија, заедно со нашите партнери продолживме да трагаме по нови можности кои ќе остават траен белег во македонската култура и ќе бидат од национално значење. Вистинските бајки од Македонија беше најдоброто решение, бидејќи не само што овозможува продолжување на оваа едиција, туку истовремено пренесува една убава порака кон младите, дека бајките се засновани и на вистински луѓе и нивните дела кои некогаш постоеле. Ние ќе продолжиме да работиме на проекти кои ќе ги јакнат позициите на македонската култура – истакна Ангелка Пеева-Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“.
Првите четири книги од оваа серија се посветени на животот и делото на Блаже Конески, Мајка Тереза, Браќата Манаки и Марко Цепенков. Станува збор за литераризирани и илустрирани биографии, наменети за деца над 6-годишна возраст, кои веќе имаат читачки основи и можат самостојно да ги совладуваат читачките препреки.
– Целта на Вистински бајки од Македонија е децата уште од најрана возраст да се запознаат со најважните личности од нашата историја, кои нè задолжиле да го чуваме свеж споменот на нив и да се грижиме за делото што го оставија зад себе. Овие личности се вистинските херои на своето и на нашето време, но и на времето што е пред нас, затоа што нивните идеали и вредностите кон кои се придржувале и ги промовирале се универзални, општочовечки, а сепак многу важни за развојот на македонската култура. Најмалку што можеме да направиме за нив е да ги чествуваме во вакви публикации, мотивирани од искрена и силна почит кон нив и од љубов кон иднината на генерациите што доаѓаат – истакна Бранка Бугариска, директорка за издаваштво на „Арс Ламина“.
При создавањето на овие биографии се користени веродостојни извори, кои даваат дополнителна автентичност. Во процесот на создавање на овие дела голем придонес даде и поддршката од Државниот архив, Архивот „Харалампие Поленаковиќ“ при МАНУ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и НУ Спомен-куќа на Мајка Тереза. Фотографскиот материјал даден во прилог на изданијата е исто така отстапен од овие институции. Истражувањето и прибирањето на материјалите за овие биографии го спроведе Бисера Бендевска, уредник во „Арс Ламина“, а илустрациите ги изработи илустраторката Кристина Карапеоска.
Во рамките на досегашната соработка помеѓу издавачката куќа „Арс Ламина“ и Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“, досега се издадени 80 бајки од Македонија и четири басни од Македонија. На досегашните јавни конкурси за креирање на овие дела се пријавиле над 100 дизајнери – илустратори од земјата и 313 автори кои доставиле 442 текста за новите едиции на „Современи бајки од Македонија“. Дел од овие изданија се преведени на седум јазици и на Брајовата азбука, а добитници се и на светски награди и признанија.
Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“ го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг-индустрија – Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше несебична поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.