Дали новиот возен ред на ЈСП конечно ќе им ги реши проблемите на студентите?

Со новиот возен ред што стартува од 4 април, ЈСП најавува подобрувања, но анкетата на Трн покажува дека кај младите незадоволството одамна е подлабоко од самиот распоред.

Од 4 април ЈСП „Скопје“ воведува нов возен ред за дел од автобуски линии, како дел од усогласувањето со интегрираниот тарифен систем и со образложение дека целта е подобрување на организацијата и ефикасноста на јавниот превоз. Деталите за измените треба да бидат објавени на официјалната веб-страница на претпријатието.

Но, прашањето е дали новиот возен ред навистина ќе им ги олесни секојдневните проблеми на студентите и на младите што зависат од автобусот за да стигнат на факултет, на работа или дома.

Анкетата на Трн, спроведена меѓу 914 млади во Јануари, покажа дека дури 91,2 проценти не се или се само делумно задоволни од јавниот превоз во Скопје, додека само 8,9 проценти сметаат дека тој целосно им ги задоволува потребите. Дури 80 проценти од испитаниците редовно користат јавен превоз, што значи дека за нив автобусот не е споредна, туку основна инфраструктура за секојдневно функционирање.

Проблемите што младите ги посочуваат не се сведуваат само на возниот ред. Во анкетата како најчести слабости се издвојуваат доцнењата, гужвите, непочитувањето на распоредот и недоволниот капацитет, а кај многумина доминира чувството дека јавниот превоз потфрла во повеќе сегменти истовремено. Наместо сигурен начин на движење низ градот, автобусот за нив сè почесто станува секојдневен тест за време, нерви и организација.

Особено загрижувачки се податоците за ноќниот превоз. Околу 60 проценти од младите сметаат дека ноќни линии речиси и да нема, а повеќе од една третина велат дека тие се недоволни. Во пракса, тоа значи дека за голем дел од младите движењето низ градот по 23 часот зависи од скап такси превоз или од откажување од активности.

Во отворените коментари младите зборуваат и за автобуси што не доаѓаат, линии што исчезнуваат од распоредот, неточни информации, валкани и стари возила, како и за административни пречки при вадење или продолжување на бесплатните картички за ученици и студенти. Дел од нив го отвораат и прашањето за безбедноста, особено во преполни автобуси.

Затоа новиот возен ред може да биде добредојден чекор, но тешко дека сам по себе ќе биде доволен ако не донесе и реално подобрување во редовноста, фреквенцијата, ноќните линии, капацитетот и пристапноста за младите. Бидејќи кога 9 од 10 млади велат дека јавниот превоз не им функционира, проблемот одамна не е само технички, туку директно влијае врз пристапот до образование, работа и секојдневен живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни