Возниот ред на Јавното сообраќајно претпријатие ќе се менува, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оценувајќи дека актуелниот распоред на градскиот превоз не бил суштински ревидиран со години.
Според него, постојниот возен ред бил креиран во време кога не биле земени предвид новите населби што во меѓувреме се прошириле или целосно се формирале во Скопје. Истовремено, на одредени локации каде што порано имало зголемена потреба од автобуски линии и почести поаѓања, денес таа потреба е намалена.
Ѓорѓиевски истакна дека измените нема да се носат избрзано, туку ќе се спроведуваат како процес во наредниот период, со цел да се избегнат системски пропусти.
Во рамки на најавените измени, ќе биде овозможено и активно вклучување на граѓаните, кои ќе можат да доставуваат забелешки и предлози – особено за делови од градот каде што недостига јавен превоз или каде што постојниот распоред не одговара на реалните потреби.