За време на додворувањето, мажјакот го движи својот стомак на различни начини: понекогаш брановидно, налик на змија, а понекогаш со нагли, движења што потсетуваат на опашка од змија. Токму ова однесување го инспирирало името на новиот вид, богомолка-ѕвечарка (Ameles serpentiscauda) и им помогнало на истражувачите да утврдат дека станува збор за досега непознат вид. Откритието е објавено во научното списание Ethology Ecology & Evolution.
„Знаевме дека некои џуџести богомолки имаат ритуали на додворување, но вакво нешто досега немавме видено“, вели Роберто Батистон, кустос-натуралист во Музејот за археологија и природни науки „Џ. Занато“ во Италија и еден од откривачите на новиот вид.
Мажјакот на овој вид има три едноставни очи меѓу антените, кои кај богомолките обично служат за навигација ноќе со помош на ѕвездена светлина. Сепак, неговите кратки и нефункционални крилја не му дозволуваат да лета.
Таинствени инсекти
Според биологот Кристофер Оуфиеро од Универзитетот Таусон, кој не учествувал во истражувањето, во светот се познати околу 2.500 видови богомолки.
„Кога луѓето размислуваат за богомолки, најчесто си замислуваат голема, зелена богомолка, но оваа група е исклучително разновидна“, вели Оуфиеро. „Тие имаат едни од најразновидните камуфлажни стратегии во животинскиот свет, имитираат лисја, гранчиња, цветови, мов и многу друго.“
Разновидноста не се однесува само на изгледот, туку и на однесувањето, иако за тоа сè уште се знае релативно малку. И покрај тоа што се релативно големи и впечатливи инсекти, однесувањето на богомолките, особено при парење, останува слабо истражено.
„Богомолките се мајстори за тоа да не бидат забележани, тоа е дел од нивната природа“, објаснува Лохиташва Гарикипати, докторски студент во Американскиот музеј за природна историја во Њујорк. „Поради тоа, нивното однесување и еклогија тешко се набљудуваат.“
Случајно откритие
Откривањето на змијоопашестата богомолка започнало случајно во летото 2024 година. За време на одмор на оддалечена плажа на Сардинија, италијанскиот истражувач Оскар Мајољо забележал неколку џуџести богомолки на грмушки недалеку од брегот. Тие личеле на познат вид (Ameles andreae), но имале значително помали крилја од очекуваното. Заинтригиран, тој собрал неколку примероци и ги одгледувал во лабораторија.
Батистон објаснува дека разликувањето на видовите џуџести богомолки е исклучително тешко, бидејќи се долги само околу два и пол сантиметри и често изгледаат слично. Но, кога ги набљудувале за време на парењето, станало јасно дека не припаѓаат на ниту еден познат вид.
„Ова истражување покажува дека џуџестите богомолки имаат различни „љубовни јазици“, уникатни начини на додворување преку движење на телото“, вели Батистон. „Секој вид еволуирал свој начин на комуникација, што е навистина фасцинантно за инсекти кои најчесто живеат самостојно.“
Извор: National Geographic
