Министерството за здравство ја информира јавноста дека, согласно најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 20 до 24 јули 2025 година се очекува нов топлотен бран и значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат и до 41°C.
По тој повод, потсетуваме за почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури и топлотен бран:
-Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
-Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци.
-Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи.
-Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот.
-Посветете внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури.
-Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош.
-Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот.
-Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот.
Министерството внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува согласно проценките и потребите.
Топлотниот бран што се очекува од 20 до 24 јули 2025 година претставува сериозна закана за јавното здравје, особено за ранливите категории на население како децата, постарите лица, хронично болните и бремените жени. Министерството за здравство апелира до граѓаните да ги следат препораките за заштита од високи температури, бидејќи непочитувањето може да доведе до сериозни здравствени последици. Со навремено реагирање и прилагодување на секојдневните активности, можат да се ублажат негативните ефекти од топлотниот бран и да се зачува здравјето на населението.