Платформата YouTube објави дека исплатила повеќе од осум милијарди долари на музичката индустрија помеѓу јули 2024 и јули 2025 година, што е нов рекорд.
Овие плаќања кон музичката индустрија се базираат на модел на двоен приход – рекламирање и претплати. Платформата генерира приходи кога корисниците гледаат видео содржини со реклами, но и преку платени претплати на YouTube Music и YouTube Premium.
Во пракса, дел од приходите одат кај уметниците, текстописците, издавачите и другите релевантни субјекти, додека платформата го задржува својот дел за оперативни трошоци и развој на услугите.
Овој модел овозможува стабилен и предвидлив прилив на приходи, бидејќи комбинацијата од рекламирање и претплати не е директно поврзана со поединечни вирални видеа, туку со вкупната гледаност и бројот на претплатници.
Како од идеја за сервис за запознавање стигна до најголем видео сервис во светот?
Сè започнало како необична идеја на тројца поранешни вработени во PayPal – Џавед Карим, Чед Херли и Стив Чен, кои го активирале својот домен на Денот на вљубените во 2005 година, без да знаат каде ќе ги одведе оваа авантура.
На почетокот Јутјуб бил замислен како страница за состанувања со слоган: „Поврзи се, запознај се“. Но, никој не покажал интерес. Понудите за жени да постават видеа за 20 долари исто така пропаднале.
Потоа сфатиле дека корисниците почнуваат да објавуваат снимки од своите миленичиња, од одмори и слично. Решиле да ја отворат платформата за сите содржини – и тоа успеало.
До крајот на првата година, Јутјуб веќе имал корисници ширум светот благодарение на лесниот интерфејс и можноста секој да стане креатор. Корисниците можеа да „лајкнат“, коментираат и се претплатат – и содржините се редеа една по друга.
Во ноември 2006 година, Google го купи Јутјуб за 1,65 милијарди долари во акции.
Според легендата, Карим ја добил идејата за Јутјуб откако во 2004 година не успеал да најде видеа од два настани: скандалот со Џенет Џексон на Super Bowl и цунамито во Индискиот океан. Тоа го инспирирало да направи платформа каде што секој може да објави видео.
Денес, секоја минута на Јутјуб се поставуваат над 500 часа видео-содржина.
