На објектот на Националната Установа Центар за Култура (НУЦК) „Марко Цепенков“ во Прилеп во моментов се реализира мурал изработен од визуелната уметница Ивана Самандова, кој е во рамките на проектот „Јазикот коски нема, но коски крши“ и е со поддршка на Mинистерство за Култура на Република С. Македонија и во соработка со Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ. Муралот е дел од конкурсот „Цртај на македонски јазик“. Заедно со Ивана Самандова го работат и Методи Исков и Александар Џинго.
„Фокусот на муралот е пренасочен на величината на Марко Цепенков, како една од најистакнатите фигури во македонската историја и култура. Идејата зад муралот е создавањето „искра“ и љубопитност кон истражувањето и врската меѓу современиот свет и историското културно наследство“, објаснува Ивана.
Проектот цели кон избегнување на централизираноста на културата и уметноста во само еден град, а соработката помеѓу Центарот за Култура во Прилеп и локалните уметници е стремеж кон визуелно осовремување и освежување на објектот, создавајќи ликовна композиција која корелира со предизвикот и играта на архитектурата.