Нов македонски филм за лицата болни од мултиплекс склероза

Филм инспириран од вистинска приказна за мултиплекс склероза, корумпиран систем и непокорна борба на хероите


Во држава каде болестите често се третираат тивко и незабележливо, новиот филм со работен наслов „Течение“ го крши молкот за мултиплекс склерозата – хронична, тешка и често невидлива болест со која илјадници луѓе во Македонија живеат секојдневно. Или, поточно – преживуваат. Режисер на филмот е Антонио Митрикески, едно од најпрепознатливите имиња на македонската современа
кинематографија, како корежисер се потпишува Омер Зекировски, директор на фотографија е Беби Зекировски, додека сценариото е на Елена Трпковска Наумовски.

Инспириран од книгата и искуството на Сања Поповска – битолчанка, борец и претседателка на здружение за лица со МС – филмот раскажува фиктивна, но силно реална приказна. Имено, приказната ја следи Ања – дипломиран психолог која не по своја волја работи во фабрика, амбициозна, но заробена во систем што не ја препознава. Кога ја добива дијагнозата, целиот нејзин свет се менува. Преку љубов, еротика, болка, релапси, напади, засилени симптоми и отпор, Ања ја преживува својата најтешка трка – трка за достоинство.

„Сакавме да покажеме што значи кога системот не функционира, кога здравството не лечи, и кога болеста не е најстрашната работа – туку начинот на кој општеството те тера да се срамиш од неа“, вели сценаристката Елена Трпковска Наумовски.

Ања, ликот од филмот, ја носи болеста, но и срамот, осаменоста, немоќта. Нејзината борба е борба на многумина кои секој месец патуваат до Скопје за терапија, кои чекаат со месеци за дијагноза, и кои се плашат да влезат во болница, затоа што таму често нема ниту топол збор, ниту услови.

Филмот има готово сценарио, силна екипа со веќе реномиран режисер, и моментално бара продукциска и финансиска поддршка. „Филмот мора да се роди – со вистински луѓе, од вистински градови, со вистинска болка!“ – апелира екипата.

По повод светскиот ден на лицата со МС – 30 мај, тимот се приклучи на маршот на Широк Сокак во Битола, во организација на здружението на Сања Поповска „Гласно за МС“. Во продолжение објавена е и видео порака со посебен апел.

„Филмот не е само уметност. Тоа е аларм. Тоа сме ние – гласно, конечно“, додаваат од екипата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни