Речиси една недела откако беше именуван за врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи сè уште не се појавил во јавноста. Неговото отсуство во време на отворен воен конфликт со САД и Израел покренува прашања за тоа кој навистина управува со државата.
Иранците досега ниту го виделе ниту го слушнале новиот врховен лидер. Првата порака што му се припишува беше прочитана на државната телевизија од водител, а не од него лично.
Тој не се појавил ниту следниот ден – на својот прв петок како лидер, ниту на Денот Ал Кудс, кога традиционално врховниот лидер се обраќа до јавноста, пишува CNN.
Извор запознаен со ситуацијата изјавил за CNN дека Моџтаба Хамнеи бил повреден во американско-израелските бомбардирања пред речиси две недели. Наводно се здобил со скршеница на стапалото, повреда на левото око и неколку помали исеченици на лицето.
Во истата серија напади биле убиени неговиот татко и неколку високи воени команданти.
Синот на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој е владин советник, потврдил дека Моџтаба е повреден, но дека е на безбедно и се чувствува добро.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, без да приложи докази, изјави дека новиот лидер „веројатно е осакатен“, додека Израел порано предупреди дека секој нов врховен лидер ќе биде легитимна цел.
Поддржувачите на режимот излегоа на улиците
И покрај неговото отсуство, илјадници поддржувачи на режимот излегоа на улиците за да изразат лојалност кон новото раководство.
Заклетвата за верност станала главен повик на протестите, додека властите се обидуваат да ја консолидираат поддршката преку масовни собири, особено во последните денови од светиот месец Рамазан.
Сепак, непојавувањето на новиот лидер ја нагласува сложената структура на моќ во Исламската Република, каде институциите и безбедносниот апарат често имаат поголема улога од самиот врв на власта.
„Лидер од сенка“
Државно поддржаните верски проповедници ги повикуваат граѓаните на лојалност кон новиот лидер.
Влијателниот клерик Махмуд Карими дури ја претстави неговата невидливост како предност, изјавувајќи дека „фактот што никој не го видел доволно говори за неговиот карактер“.
Од друга страна, критичарите на режимот ја исмеваат ситуацијата. На социјалните мрежи се појавија бројни фотомонтажи и мемиња кои го прикажуваат Моџтаба Хамнеи како картонска фигура на позицијата на моќ.
Поради недостиг на автентични снимки, некои профили блиски до власта дури споделуваат видеа генерирани со вештачка интелигенција во кои новиот лидер се обраќа пред маси луѓе или стои покрај својот татко.
„Го нарекуваат AI врховен лидер“, изјавил иронично еден жител на Техеран.
Системот може да функционира и без лидер во јавност
Моџтаба Хамнеи речиси четири децении дејствувал зад сцената за време на владеењето на својот татко, ретко појавувајќи се во јавност.
Според аналитичарите, иранскиот политички систем може да функционира и без негово јавно присуство, барем на краток рок.
Санам Вакил од лондонскиот институт Chatham House смета дека невидливоста на лидерот не мора веднаш да го поткопа легитимитетот на режимот.
Во Иран, вистинската моќ често ја имаат институциите, особено Корпусот на чуварите на исламската револуција (IRGC), кој веројатно ја насочува воената стратегија.
Според историчарот Араш Азизи од Универзитетот Јејл, токму овие структури веројатно ја имаат реалната моќ во земјата, без разлика дали новиот лидер ќе се појави во јавност или не.
ИЗВОР: CNN