Дебатата за новиот Кривичен законик повторно е во фокусот на јавноста, особено во текот на изминатиот месец, кога предложените измени отворија сериозни прашања за насоката во која се движи казнената политика на државата. Кривичниот законик претставува темел на казнената политика на државата, преку кој се утврдуваат границите на кривичната одговорност и се дефинира односот меѓу државната моќ и заштитата на јавниот и индивидуалниот интерес. Оттука, секоја интервенција во овој закон има последици што ги надминуваат формалните правни рамки и директно се одразуваат врз функционирањето на институциите, правната сигурност и довербата на граѓаните во системот. Во македонскиот контекст, каде довербата во правосудниот систем е трајно нарушена, очекувањата од ваквите интервенции се особено високи.
Последните измени на Кривичниот законик се претставуваат како обид за корекција на законот од 2023 година и како чекор кон усогласување со европските стандарди. Но под површината на „поправките“ остануваат сериозни дилеми: дали навистина се надминува циклусот на неказнивост или само се редефинира неговата форма?
Еден од клучните проблеми е начинот на кој повторно се уредува кривичната одговорност за злоупотреби поврзани со јавните набавки. Формално, кривичната одговорност се враќа. Суштински, таа е сведена на ограничен број ситуации – кога воопшто нема тендер или кога договорите очигледно се менуваат незаконски. Она што останува надвор од јасна инкриминација се токму најчестите и најсофистицирани злоупотреби: тендери „по мерка“, технички спецификации што елиминираат конкуренција и административно фаворизирање кое формално изгледа законски. На тој начин, системот создава илузија на контрола, додека практично најризичните практики остануваат во сива зона.
Поврзано со ова е и поширокото прашање за заштитата на јавните пари. Фокусирањето исклучиво на јавните набавки создава впечаток дека проблемот е локализиран, иако злоупотребите на буџетските средства се јавуваат преку различни механизми: субвенции, трансфери, јавни претпријатија, договори за услуги, па дури и преку институционална неактивност. Отсуството на сеопфатен пристап значи дека кривичноправната заштита останува фрагментирана и селективна.
Дополнителна загриженост предизвикува укинувањето или слабеењето на одредбите за несовесно работење во јавните служби. Во пракса, оваа инкриминација претставуваше еден од ретките механизми преку кои граѓаните можеа да добијат заштита од незаконско постапување, неоправдано одолговлекување или носење штетни управни одлуки. Со релативизирање на одговорноста и со сведување на ваквото постапување на дисциплинска или административна сфера, се испраќа порака дека институционалната штета е помалку важна од формалното кршење на закон.
Истата логика се повторува и кај прашањето на казнената политика. Намалувањето на максималните казни, особено кога делата се квалификуваат како „небрежност“, отвора простор сериозни злоупотреби да се прикажат како технички пропусти или административни грешки. Наместо јасна линија на одговорност, се создава флексибилна зона на толкување во која одговорноста се разредува, а санкцијата станува исклучок, а не правило.
Ова директно се поврзува со уште еден системски проблем – застарувањето. Кога максималните казни се пониски, автоматски се скратуваат и роковите за застарување. Во услови на бавни и сложени постапки, тоа значи дека дел од најтешките случаи можат повторно да завршат без судска разрешница, не поради недостаток на докази, туку поради истек на време. Ова не е теоретска опасност, туку искуство кое веќе го обликуваше правосудниот систем по 2023 година.
Посебно внимание заслужува и концептот на проширена конфискација. Иако на прв поглед изгледа како силна алатка против криминалот, во новите решенија се забележува мешање на различни модели на конфискација без доволно јасни процесни гаранции. Тоа отвора ризик од судир со принципите на правна сигурност и презумпција на невиност, но и од нееднаква судска пракса. Наместо прецизен инструмент, конфискацијата може да стане извор на правна несигурност и дополнителни спорови.
Парадоксално, дел од овие антикорупциски измени се донесени во ист пакет со важни и неопходни решенија за заштита од семејно и родово-базирано насилство. Ваквото законодавно спојување создава морална дилема во јавната дебата: секоја критика на антикорупциските аспекти лесно се интерпретира како напад врз социјално чувствителни и неопходни реформи. Наместо јасна и стручна расправа, се добива поларизирана атмосфера во која суштинските прашања остануваат во сенка.
Во истиот контекст, позитивен исчекор е и воведувањето на посебно кривично дело што се однесува на неовластено споделување и злоупотреба на интимни снимки и материјали. Со тоа, за првпат јасно се препознава сериозноста на оваа форма на повреда на приватноста, која во дигиталната ера има долгорочни последици по достоинството, психолошката состојба и општествениот живот на жртвите. Важно е што кривичната одговорност не се врзува само за самото објавување, туку и за заканата со објавување, што ја опфаќа и практиката на уцена и контрола.
Но и тука се отвора пошироко прашање за системската конзистентност. Додека кај делата што директно го засегаат личниот интегритет се гледа тенденција кон појасна и поостра инкриминација, кај делата што ја засегаат јавната одговорност и управувањето со јавни ресурси, законодавниот пристап е значително повоздржан. Овој дисбаланс остава впечаток дека државата појасно реагира кога штетата е индивидуална и видлива, отколку кога станува збор за структурни злоупотреби со долгорочни последици врз јавниот интерес.
Дополнително, процесот на донесување на измените отвора сериозни прашања за транспарентноста и инклузивноста. Недостатокот на темелни јавни консултации и систематско вклучување на обвинители и судии значи дека законот се усвојува без целосна проценка на неговата применливост. Во такви услови, институциите повторно ќе бидат принудени да „толкуваат“ наместо да применуваат јасни правила.
Ова е особено проблематично ако се има предвид значењето на Кривичниот законик во европскиот контекст. Владеењето на правото не е апстрактна вредност во процесот на европска интеграција, туку мерлива категорија. Законските решенија што создаваат простор за селективна правда, застарување и институционална неефикасност директно влијаат врз кредибилитетот на државата во однос на европските обврски.
На крајот, суштинското прашање не е дали има измени, туку дали тие ја менуваат логиката на системот. Дали се воспоставува јасна, предвидлива и правично применлива рамка или се продолжува со практика на привремени корекции што само го одложуваат вистинскиот прекин со неказнивоста. Без сеопфатен, јасен и кохерентен Кривичен законик, ризикот е дека ќе имаме уште една реформа која добро изгледа на хартија, но тешко се чувствува во реалноста.
