Здружението на новинари на Македонија во соработка со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика на медиумите (СЕММ) почнаа иницијатива за измена на стариот Кодекс на етика за новинарите донесен на 14 ноември 2001 година.
Новиот Кодекс треба да биде приспосебен на современите медиумски потреби и дигитализацијата.Директорката на МИМ, Билјана Петковска потенцира дека новиот Кодекс на етика за новинари го наложува новото време и дигитализацијата.
Без добро новинарство и без понуда на квалитетни новинарски стории едно без друго не може и затоа е важно да направиме еден нов Кодекс на етика за новинарите којшто ќе одговара на новото време и ќе им помага на новинарите, ќе ги заштити и со самиот процес на вклучување на сите новинари и медиумски професионалци онака како што е замислено во рамки на проектот.
Мислам дека заеднички праќаме една порака дека како новинари сме посветени на нашата работа да биде квалитетна, континуирано да ги унапредуваме стандардите по коишто работиме и на тој начин покажуваме една отчетност кон јавноста и одговорност за она што го работиме како професионалци, изјави Петковска синоќа во Велес.
За оваа иницијатива добиена е финансиска поддршка од ИРЕКС, американската организација со седиште во Вашингтон која веќе пет години работи во земјава, а која од 2001 година заедно со МИМ работи на медиумската писменост во основното образование, а сега е во подготовка со медиумска писменост да бидат вклучени и училиштата од средното образование.
Петковска информира дека е формирана работна група од сите три организации – ЗНМ, СЕММ и МИМ, кои се носечките столбови на иницијативата.
Работната група веќе одржала повеќе состаноци,а направена е и анализа на состојбата за постоечкиот Кодекс.
Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски ги повика новинарите и медиумските работници со сугестии и предлози активно да се вклучат во креирањето на новиот Кодекс на етика посочувајќи дека може да го пополнат прашалникот којшто се наоѓа на веб страницата на ЗНМ.