Австриските слаткарници официјално ја отворија новата сезона на сладоледи и го избраа вкусот на годината за 2026. Во фокусот овојпат е инспирацијата од јужна Италија, односно познатата сицилијанска касата, која ќе биде главниот тренд меѓу љубителите на сладолед.
Овој нов вкус се темели на традиционалниот десерт касата, кој се подготвува со рикота, бисквит и кандирано овошје, а често се збогатува со ф’стаци, чоколадо или ликер. Во сладоледната верзија, најчесто се користат основи како рикота, млечен крем или панна, комбинирани со ароми од портокал или лимон, што создава освежителен и богат вкус.
За да се одбележи изборот, кон крајот на април ќе се одржи тематска недела посветена на овој вкус, при што слаткарниците ќе понудат различни варијации и интерпретации на касата сладоледот.
Покрај националниот избор, беше прогласен и европскиот сладолед на годината, титула што ја освои креацијата „Melody“ од Шпанија. Овој сладолед комбинира млечна база со рикота, надополнета со сос од портокал и ф’стаци, со идеја да создаде вкус што обединува, слично како музиката.
И покрај новите трендови, класичните вкусови како чоколадо и страчатела остануваат најбарани. Сепак, сè поголем интерес има и за веганските варијанти и за сладоледи со додатоци како бисквити, што покажува дека пазарот постојано се развива и нуди нови изненадувања.