Летово започна снимањето на новиот документарен филм на Тамара Котевска, возбудлива приказна која нѐ носи во далечниот Сибир во светот на племето Долгани, во светот на нивните митови и легенди кои си ги пренесуваат од генерација на генерација. Приказната на Тамара Котевска го следи конфликтот помеѓу традиционалните одгледувачи на ирваси и оние кои што сакаат да се занимаваат со лов на мамутски заби и коски за да ги продаваат на Кинезите.
Тамара Котевска и овој пат не носи во еден нов чудесен свет
-Филмот се уште се снима и ќе се снима во наредниве две години сигурно. Снимањето започна во август и е проект кој што се обидуваме веќе три години да го развиеме. За жал се случи војната во Русија, имаше санкции и не можевме никако да стигнеме до финасии. Едноставно не веруваа луѓето доволно за да инвестираат во овој проект. Сега конечно успеавме. Филмот нема никаква врска со војната, има врска со човекот и со природата. Локацијата е всушност последната точка на север на планетава на која има човечка цивилизација. Од тоа место кое што е последно на мапата, се оди уште 5 часа со брод до тундарата каде што живеат племето на Долгани со кое што ја работиме приказната –вели Тамара за Трн.
Конфликт помеѓу традицијата и капитализмот
Филмот го прикажува конфликтот кој што се случува внатре меѓу племето кое живее во срцето на Сибир. Тоа е конфликт помеѓу традиционалните одгледувачи на ирваси и оние кои што сакаат да се ископуваат маутски коски и да ги продаваат на Кинезите. Борбата помеѓу традицијата и капитализмот прави раздор во племето. И тука некаде почнува приказната на Тамара.
-Приказната за тоа како започна овој проект е интересна. Еден од моите омилени фотографи е Џими Нелсон кој се занимава токму со фотографирање на овие племиња и култури кои што изумираат. Ја гледав неговата колекција Before they pass away( Пред да починат) која ги обработува сите овие народи и племиња од цела планета. Дојдов до колекцијата за Сибир и за племето Долгани. Повеќе месечно истражување беше да најдам контакт од тој фотограф и други фотографи од National Geografic, Discovery кои се занимавале со таа тема. Успеав да стигнам до контакт. Тие ми дадоа човек од таму со кој што соработувале, фиксер кој ги донел таму и ги запознал со тие племиња. Убавината на целото тоа беше што фотографиите, ликовите од фотографиите на Џими Нелсон се всушност истите ликови со кои што ние работиме сега и тоа беше за мене онака стварно фасцинантно затоа што фотографиите за мене личеа недостижни и да работам сега со тие ликови ми е вистински предизвик. Главните ликови се татко и син кои што се директно поврзани со конфликтот на племето. Таткото е поглавицата на племето и одговорен за ирвасите и за држење на племето на едно место и тој живот со ирвасите, а синот се повеќе оди во насока на ископување на мамутски заби и влегување во полукриминални активности врзани со то. Сето тоа е на раб на законот и тука сега ние гледаме преку нивните митови и легенди кои си ги пренесуваат едни на други како и зошто тие не смеат да го прават тоа што го прават – вели Тамара.
Документарците кои ги правам ме менуваат како личност
Светот кој Тамара го прикажува во нејзиниот филм е возбудлив, интересен и помалку нереален. Но всушност тоа е и целта на документарниот филм, да ја долови реалноста на сите различни светови кои живеат на земјава.
-Друга планета е едноставно. Кога бев таму немав чувство дека сум на друга планета затоа што се навикнав на тој живот, меѓутоа кога се вратив тука од оваа дистанаца, не верував каде сум отишла и кај сум била. Многу е чудно како ти се менуваат стандардите за што е нормално во зависност каде си – вели Тамара за Трн.
И токму таа реалност остава трага на оние кои ги прават и кои го живеат секојдневието на лицата од нивните приказни.
-Документарците кои ги правам ме менуваат. Многу. Затоа што поминувам многу време со тие луѓе, едноставно живеам со тие луѓе и го учам нивниот начин и стил на живот и тоа влијае секако врз мојот приватен живот.
Документарните филмови го менуваат светот. Ги менуваат погледите на луѓето затоа што им даваат пристап до некоја нова, непозната реалност.
-Секогаш ме мотивитрала таа идеја. Јас и како автор сум таква што играните и документарните филмови сакам да ги правам со таа цел да направат некаква промена. Пред се да го доближат човекот до природата и до некои заборавени вредности. Секогаш тие врски меѓу заборавените култури и фолклор и модерното општество ми се најинтересни за анализирање.Филмот не е рационална алатка. Филмот е пред се визуелна алатка и таа порака мора да биде пренесена токму на тој начнин. На визуелен и емоционален начин за да допре до гледачот. Затоа мислам дека тоа е и најголемиот предизвик. Како тие социјални теми да се префрлат од едно аналитичко размислување кон едно визуелно богато и емотивно богато искуство за гледачот. За мене е токму тој момент на наоѓање на визуелен јазик како да се долови една тема и наоѓање на правата емоција која ќе допре до огромен број на луѓе. Тоа е магијата на филмот.
Со нетрпение ја очеуваме новата филмска магија на Тамара и нејзината приказна за далечниот Сибир и светот во кој ќе можеме да ѕирнеме.