Станува збор за Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, кој за кратко време се прилагодил на персоналот и пациентите и веќе активно учествува во структурираните, но неформализирани тераписки активности, се наведува во објавата на Клиниката.
Според директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, целта на оваа иницијатива е да се обезбеди дополнителна емоционална поддршка, чувство на сигурност и подобра социјална интеракција кај пациентите.
„Присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, велат од Клиниката. Активностите на Роџер вклучуваат индивидуални и групни средби со пациенти, секогаш под надзор на стручен тим и со изречна согласност од пациентите. Кучето нема контакт со простории каде што се подготвува храна или се чуваат лекови, а неговите активности започнуваат во рамки на дневната болница од 8 часот наутро.

Од Клиниката информираат дека за Роџер е обезбедена соодветна сместувачка инфраструктура, редовна ветеринарна грижа и уреден здравствен и вакцинален статус. Во грижата за него, под стручен надзор, постепено се вклучуваат и пациенти – доброволци.
Во објавата се нагласува дека лабрадорите се една од најчесто користените раси во ваков тип активности, поради нивната смиреност, трпеливост, висока емпатија и способност да препознаваат човечки емоции како страв, тага или анксиозност.

Дополнително, од Клиниката посочуваат дека со оваа иницијатива сакаат да го поттикнат вдомувањето на напуштени животни, како хуман и одговорен начин за намалување на бројот на бездомни кучиња и истовремено создавање позитивен ефект врз менталното здравје.
