Излезе од печат новиот број на уличното списание за одржлив развој „Лице В Лице“, кое е дел од истоимената Платформа за одржлив развој. Списанието овој пат е посветено на новата транзиција која ни претстои – „економија која е фокусирана на човекот“.
Електронското издание e достапно преку веб продавничката, а печатеното може да се најде кај уличните продавачи.
Насловните фотографии на Слаѓана Вујошевиќ се направени од Томислав Георгиев.
„Лице в лице“ како еколошко списание, се печати на рециклирана хартија, а е посветено на испитување на односот на поединецот и на неговото ментално и физичко опкружување.
Продавачи на списанието се лица претставници од најранливите групи во општеството, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е за продавачот, а останатата половина се насочува кон продукција на следно издание и за активности кои го подобруваат животот на маргинализираните групи.
Содржините на „Лице в лице“ ги поттикнуваат компаниите на општествена одговорност, а преку темите што ги пласира, кои како главна одлика го имаат одржливиот развој, се грижи за подобрата иднина на маргинализираните групи, како и за јавниот простор и животната средина.
Промовирајќи го моделот на социјално претприемаштво, списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите категории граѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – социјална вклученост, социјална политика, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на интерес на списанието.