Американскиот државен секретар Марко Рубио ја претстави првата фаза од обемниот план за реорганизација на американскиот Стејт департмент, која вклучува укинување на 132 домашни канцеларии, намалување на околу 700 работни места во Вашингтон, како и затворање на канцеларии што се занимаваат со воени злосторства и глобални конфликти, според изјави на висок функционер од Стејт департментот и документи во сопственост на CNN.
Од Стејт департментот велат дека промените се неопходни за да се зачува ефикасноста и релевантноста на одделот. Висок функционер на министерството ја нарекол сегашната организациска структура „прегломазна“ и оценил дека има „штетно влијание врз надворешната политика“, пишува CNN.
Според истиот функционер, промените нема веднаш да резултираат со отпуштања, но претставуваат сигнал дека некои вработени сепак може да останат без работа. Во рамките на реорганизацијата, ќе се намалат 700 работни места во седиштето во Вашингтон.
„Денес е тој ден. Под водство на @POTUS и според моите насоки, ја укинуваме децениската бирократија и гломазност во Стејт департментот. Овие сеопфатни промени ќе ги зајакнат нашите талентирани дипломати да ја стават Америка и Американците на прво место“, објави Рубио на платформата X.
Целта е да се реорганизира одделот така што неговата структура ќе биде усогласена со целите што администрацијата сака да ги постигне, изјави функционерот. Со овие измени, вкупниот број на канцеларии во министерството ќе се намали од 734 на 602.
Предлогот за реорганизација, кој се очекуваше подолго време, се фокусира на домашните канцеларии, а не на амбасадите и конзулатите во странство. Гласините за предложените промени предизвикаа загриженост и неизвесност кај вработените во Стејт департментот.
Предлогот не содржи конкретни детали, туку бара од заменик-државните секретари да изработат и претстават планови за спроведување на промените до 1 јули, се наведува во допис испратен до вработените од страна на заменикот државен секретар, Кристофер Ландау.
Инаку, овој предлог се развива уште од раните денови на администрацијата на Доналд Трамп и не претставува единствените планирани промени, особено кога станува збор за службите во странство.