Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе од 30 се повредени во израелски воздушен напад врз населбата Башура во самиот центар на Бејрут, кој следеше веднаш по израелско воено предупредување за евакуација.
Повеќе од 900 луѓе се убиени во израелските напади низ Либан од 2 март, соопшти Министерството за здравство. Повикајќи се на истото министерство, либанската национална новинска агенција ННА објави дека вкупниот број жртви меѓу 2 и 17 март достигнал 912, додека 2.221 лице се ранети.
Израел продолжува со интензивни напади врз Либан и најави почеток на нова „копнена операција“ во јужниот дел на земјата. Според проценките, неговите сили навлегле меѓу седум и девет километри во либанска територија.
Хезболах на 2 март започна да ги таргетира израелските воени позиции како одговор на континуираните напади, и покрај примирјето од ноември 2024 година и атентатот врз иранскиот врховен лидер Али Хамнеи во Техеран.
Истиот ден, Израел ја прошири кампањата со воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, како и врз области во јужен и источен Либан.
Да потсетиме, Израел започна и ограничен копнен упад во јужен Либан на 3 март, откако на 28 февруари ја започна заедничката кампања со САД против Иран.